Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Преглед на 18. првенствено коло кај младинските категории
Преглед на 18. првенствено коло кај младинските категории

Преглед на 18. првенствено коло кај младинските категории

Две победи, еден нерешен резултат и еден пораз за вардаровите екипи, во дуелите со Њу Старс, во рамките на 18.првенствено коло.

Помладите пионери стигнаа и до втората последователна победа, за само неколку дена во дуелите со Њу Старс, а прва во рамките на помладата-пионерска лига за оваа натпреварувачка сезона. Избраниците на Филип Деспотовски играат во одлична форма, можеби и во најдобра оваа сезона. Четирите последователни победи во пролетниот дел го ставаат Вардар како еден од главните претеденти за освојување на титулата, иако има уште многу да се игра. Њу Старс се држеше едно полувреме, кога резултатот беше оној почетниот, за црвено-црните во второто полувреме да постигнат два гола и тоа во интервал од само четири минути и да ги освојат трите бода. Во ова коло победи и нашиот најголем конкурент за трофејот, прилепска Победа која во дербито го совлада „очајниот“ тим на Работнички, кој игра многу лошо во вториот дел од сезоната, пораз со кој ги загуби сите шанси во борбата за трофејот. После ова коло, Вардар остана лидер со 41 бод, додека Победа има 38 освоени бодови. Шкендија, А.Пандев и Работнички се се подалеку од врвот, сите три екипи имаат по идентични 31 бод.

Пионерите загубија два важни бода во борбата за титулата и втор пат сезонава не успеаа да ја победат екипата на Њу Старс. Имавме добар почеток на мечот и водство од 0:1, но домашниот тим направи резултатски пресврт, за во вториот дел да спасува повторно Омерагиќ, кој со својот втор гол го израмни резултатот. Бледа сенка на овој меч беше непријатниот судир на нашиот голман, Китановски, со еден од противничките играчи по што непријатно пдн на теренот. Сепак се се заврши во најдобар ред, благодарение на докторот Манасиевски кој бргу интервенираше. Мечот беше прекинат на 10 минути пред крај, со резултат 2:2. Во ова коло победи остварија екипите на Работнички и Шкендија, кои се доближија на само три бода заостанување зад Вардар, кој остана прв на табелата со 38 бодови.

Кадетите го доживеа првиот пролетен пораз, откако Њу Старс се покажа како поквалитетен и славеше минимално со резултат 0:1. Бевме ослабени за неиграњето на тројца важни играчи, па можеби и не изненадув овој пораз на кадетите, кои веќе претстојниов викенд ќе имаат можност за поправен, со оглед дека започнува третиот натпреварувачки круг, а следен противник ни е токму екипата на Њу Старс.

Младинците го скршија отпорот на противникот во второто полувреме, кога после минималното водство од 1:0 на полувреме, постигнаа уште три голови во мрежата на гостите, за убедлив триумф од 4:0. Ова беше дури 15.победа за вардаровите младинци оваа сезона, но на табелата нема ништо ново, со оглед дека остана разликата од осум бодови која Шкендија ја има пред Вардар.

Интересно во следното коло ќе гледаме исти натпревари. Започнува третиот круг на одигрување, а Њу Старс е повторно наш противник и тоа кадетите и младинците пак играат на домашен терен, додека пионерските гостуваат повторно во Ѓорче.