Фудбалерите на Вардар одиграа само 1:1 со Ренова. Велиме само 1:1, бидејќи на крајот од дуелот младиот Стојановски пропушти голема шанса да постигне гол и веројатно да го однесе Вардар кон трите бода.
Вардарци иако одново први примија гол, сепак одиграа добро прво полувреме со неколку добри шанси за погодок. Ренова по својата прва посериозна шанса да дојде до гол, благодарение на одличниот шут на Јашароски во 15.минута. По голот, Вардар играше добро. Првата шанса за израмнување ја имаше Велковски Давид, кој излезе сам пред голманот на гостите, но не успеа да го совлада. Добра шанса за гол имаше Вардар и по корнер на Блажевски, кога одново голманот на гостите спаси погодок на Вардар. Во 40.минута Вардар дојде до тој посакуван гол. Блажевски одлично нафрли од десната страна, а Мирчевски со глава ефектно погоди за 1:1.
Во вторите петнаесетина минути од дуелот немаше поголеми возбудувања на двете страни освен една шанса на гостинот. Вардар изгледа малку и се подизмори, па поседот на топката ја препушти на гостинот. Вардарци до првата добра и 100% шанса во вториот дел чекаа се до 86.минута. Одлична акција на шампионот, Петејчук го пронајде Стојановски, кој од пет метри биеше само над голот на противникот и пропадна оваа голема шанса. До крајот на дуелот немаше промени на резултатот.