Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Љупчо Симовски: “Јуниор“ лигата овозможува зголемен интерес на децата да се занимаваат со фудбал, одигрување на повеќе натпревари, како и искуство за децата кои играат во лигата
Љупчо Симовски: “Јуниор“ лигата овозможува зголемен интерес на децата да се занимаваат со фудбал, одигрување на повеќе натпревари, како и искуство за децата кои играат во лигата

Љупчо Симовски: “Јуниор“ лигата овозможува зголемен интерес на децата да се занимаваат со фудбал, одигрување на повеќе натпревари, како и искуство за децата кои играат во лигата

Актуелна е втората сезона на фудбалската “Јуниор“ лига, во која се натпреваруваат девет фудбалски школи од Македонија. Меѓу нив е Фудбал Старс од Кочани која оваа сезона има можност да ги почуствува возбудувањата во “Јуниор“ лигата. Еден од тренерите кои работат во оваа школа е поранешниот играч на неколку клубови во Македонија. Се работи за Љупчо Симовски попознат како “Бела“. Во следново интервју тој ќе не запознае подетално со школата од Кочани, работатата со младинските екипи во Фудбал Старс. Секако целта на ваквите интервјуа е мислењето и за големиот проект на ФК Вардар, “Јуниор“ лигата која ја има својата втора сезона.

-Нашата школа е релативно млада која веќе постои четврта година. Се натпреваруваме во детската лига, а повозрасните категории во нашиот источен  регион. Нашата школа брои околу 150 деца со кои работат три тренери. Јас Тоде Митев и Симеонче Митев, секој од нас е задолжен за две генерации. Немаме многу стручни лица во школата, секако оваа работа бара многу посвета, но ние се трудиме да го извлечеме најдоброто од децата. Во сите генерации, почнувајќи од деца родени “2000“ па се до “2007“ година имаме отприлика околу 20 деца. Малку е проблем со условите за работа, бидејќи во Кочани има само три фудбалски школи и тоа Осогово, Кочани и нашата Фудбал Старс. Тренираме на теренот во Горни Полог, каде до некаде имаме услови за тренинг и работа, но проблем е превозот и како децата да стигнат до теренот каде тренираме. Имаме учествувано и на меѓународни турнири, како во Србија и Бугарија и тука во Македонија. Последните три години речиси со сите генерации редовно се пласираме на завршните турнири во Скопје организирани од ФФМ. Во детската лига од нашиот источен регион немаме голема конкуренција и секогаш сме на врвот.

36

Симовски како играч има настапувано во повеќе клубови во првата Македонска фудбалска лига. Моментално е посветен на работа со децата во школата Фудбал Старс.

-За мене лично во мојата фудбалска кариера која траеше околу 20 години имав играно во Силекс, Тетекс, Шкендија, Ренова, Осогово, Брегалница и.т.н. Сега моментално значи работам како тренер во школата “Фудбал Старс веќе една година. Планирам да одам на семининари за добивање на Ц, а потоа и Б- лиценца. 

Фудбал Старс се дебитанти во “Јуниор“ лигата, иако имало покана од Вардар да се приклучат уште во првата сезона на нејзиното функционирање.

-По нашите резултати кои ги имаме во нашиот регион, уште минатата година добивме покана да бидеме дел од овој проект на фудбалскиот клуб Вардар. Само проблем ни беа условите за работа, немавме терени и соблекувални. Сега полека ги средуваме тие работи, нормално функционираме и се натпреваруваме во оваа “Јуниор“ лига. Имаме во секоја генерација од 2-3 квалитетни деца, за понатаму сигурно дека можеме да извадиме и повеќе играчи кои поседуваат потенцијал и чуство за фудбалската игра.

15078880_420612871395643_1266323724248089712_n

Јуниор лигата е голем проект на ФК Вардар, која има за цел да ги обедини сите школи од земјава во една лига, каде децата ќе го покажуваат својот талент и ќе можат континуирано преку натпреварите да се надоградуваат и стекнуваат поголемо искуство.

-Мора да има нешто позитивно во “Јуниор“ лигата. Истата овозможува подобри услови за одигрување натпревари, интерес на децата да се занимаваат со фудбал, одигрување на повеќе натпревари како и искуство за децата кои играат во фудбалските школи, а се дел од “Јуниор“ лигата.

vardarfans-naslovna

На завршниот есенски турнир кој се играше во неделата на теренот на академијата се оидграа четири натпревари во исто толку возрасни генерации. Вардаровите екипи од генерациите “2004“, “2005“ , “2006“ и “2007“ година играа со екипи составени од најдобрите играчи во останатите регионални школи. На истиов можевме да видиме многу играчи, а некои од нив се сметаат за голем потенцијал кои во иднина би требало да имаат важна улога во Македонскиот фудбал.

-Поединечно можат да се видат квалитетни деца на овој завршен есенски турнир. Сигурно дека Вардар се издвојува, во кој играат бирани и квалитетни играчи. И другите фудбалски школи поседуваат деца кои отскокнуваат со својата игра на теренот. На овој завршен турнир, Вардаровите генерации играа со најдобрите од останатите регионални школи, кои не се покажаа доволно воиграни и подготвени да парираат на Вардар. Секако тие играчи се лидери во своите школи и екипи, но за да играат во еден состав им треба повеќе воиграност и време за да се склопат како една целина. Затоа се потребни повеќе вакви турнири, каде може да се види до каде можноста на едно дете да се надигрува со квалитетни екипи, како што ги поседува Вардар.

Звонко Ивановски