Помладите пионери на ФК Вардар стигнаа до третата последователна победа во пролетниот дел од сезоната, откако на домашен терен го добија дербито против екипата на Победа од Прилеп. До пред одигрување на ова 17.коло двете екипи имаа еднаков број на освоени бодови, па нормално дека мечот го носеше епитетот дерби во помладата пионерска супер лига. Сепак резултатот не го покажува тоа, Вардар беше убедлив и славеше со висок резултат од 5:0 и на тој начин се одвои на врвот на табелата. Хет-трик на овој меч постигна Георг Стојановски кој повторно ги истакна своите голгетерски способности, а селекторот на Македонската селекција до 17 години, Горан Станковски-Гама имаше што да види од вардаровиот напаѓач на овој дуел. Во изјава за нашиот сајт, Гео ги сподели впечатоците од убедливиот триумф во дуелот со прилепска Победа.
-Нормално сите сме задоволни од резултатот и високиот триумф од 5-0 во дербито со Победа од Прилеп, тоа е екипа која имаше исти бодови со нас пред одигрување на овој натпревар. Можеби конечниот резултат од 5-0 не покажа дека е дерби на прво и второ пласираната екипа, сепак не треба да се заборави дека Победа има добра екипа и дека до крајот ке се борат за првото место. Искрено не очекувавме толку висока победа, но сакам да нагласам дека цела недела сериозно се спремавме за овој натпревар, вежбавме доста тактички работи со тренерот Филип Деспотовски, кој многу не мотивираше да влеземе решени да победиме и да се одвоиме на првото место. Мислам дека пресудно за освојување на трите бода беше што напаѓавме од првата минута и рано обезбедивме водство од 3-0.
Вардаровиот напаѓач нормално е задоволен од својот настап и прикажаната игра, со неговите три гола, беше полесно да се стигне до победата.
Задоволен сум од мојот настап, три гола за секој играч во дерби натпревар е задоволство големо, сигурно нема тоа да ме опушти, но голем придонес за моите погодоци имаат и моите соиграчи кои несебично ме проигруваа за време на натпреварот.
Во следното 18.коло, пом.пионери на Вардар ќе гостуваат во Ѓорче на екипата на Њу Старс, екипа која во есенскиот дел ни одзема два бода.
-Следниот натпревар со Њу Старс очекуваме дека ќе биде тежок ако се знае дека дома игравме нерешено, имаат добра екипа, доста се борбени, физички снажна екипа се, сигурно ќе атакуваат на победа против нас. Засилени се со тројца мои поранешни соиграчи кои се доста квалитетни и тоа ке биде уште еден плус мотив за Њу Старс, но секој наш натпревар е тежок и верувам дека имаме сили да ја поминеме и оваа пречка.
Вардарци се наоѓаат на првото место на табелата со три бодови повеќе од екипата на Победа, со големи шанси таму да завршат и на крајот од оваа натпреварувачка сезона. Сигурно нивниот стратег од клупата, Филип Деспотовски, има голема улога во добрите резултати на оваа надежна генерација.
-Според она што до сега го одигравме во првенството мислам дека е реално што се наоѓаме на првото место, имаме добра генерација, атмосферата меѓу нас е одлична со нашиот тренер Деспотовски работиме многу добро. Половина од тимот играат за репрезентацијата на Македонија и очекувам повеќето од нас да стигнеме до првиот тим на Вардар и да направиме успешни кариери, истакна Гео.
Звонко Ивановски