Фудбалскиот клуб Вардар стартуваше со подготовките за новата натпреварувачка сезона. Со оглед дека клубот има забрана за трансфери, со тимот на спортскиот комплекс во населбата „Хиподром“ тренираат и неколку играчи од младинската школа на клубот. Еден од нив е Марко Стојчески, кој ја доби довербата кај Александар Васоски, да биде дел од подготовките на првиот тим. Инаку се работи за „дете“ на Вардар, кој во пролетниот дел од изминатата сезона се врати во клубот, откако претходно година и пол помина во екипата на Академија Пандев. Стојчески игра на стоперската позиција, а неговото враќање во Вардар се покажа како правилен избор, откако успеа со младинците да го освои купот на Македонија, совладувајќи ја високо во финалето екипата на Шкендија (4:0), натпревар на кој Стојчески ги одигра сите 90 минути.
-Во екипата на Академија Пандев бев сезона и пол и тоа како играч со најголема минутажа во истиот клуб. Пресудно околу враќањето во Скопје беше љубовта кон Вардар, секако и по препорака на тренерот Сашо Тодоровски, со кого претходно освоивме три куп трофеи и едно првенство.
Како што напоменавме, Стојчески беше еден од играчите кои беше дел од големото младинско финале во националниот куп. На тренинг центарот „Петар Милошевски“ Вардар ја надигра Шкендија и го освои трофејот во ова натпреварување.
-Успехот од минатите сезони го повторивме и годинава. Самиот факт што имавме 13 победи од исто толку одиграни мечеви во младинската супер лига, беа доволен мотив за нас, самоуверено и храбро да влеземе во големото финале против Шкендија. Секако дека очекувавме победата која на крајот и ја остваривме. Знаевме дека сме поквалитетни од нашиот ривал, а уште по првото полувреме го решивме прашањето околу тоа кој ќе го освои трофејот. Негативата од есенскиот дел во лигата беше мотив плус за нашиот тим во состав кој тренира заедно веќе неколку сезони.
Марко беше само еден од многумината играчи кои добија шанса да тренираат со првиот тим, на стартот од подготовките за новата сезона.
-Голема чест за мене е повикот да тренирам со првиот тим, логично е да ми понудат договор кој секако ми значи многу како дете на Вардар.
Стојчески има желба да остане во Вардар, потенцирајќи дека пред него е фудбалската кариера.
-Првенствено моите планови се врзани за Вардар. Фудбалската кариера е пред мене, секако дека ме чекаат и други шанси,но доколку не останам во Вардар, губиме и јас и клубот.
Звонко Ивановски