Најдобрата Вардарова генерација оваа сезона, кадетите на Фк Вардар попладнево на теренот на ФФМ во големото финале против екипата на Работнички успеаа да забележат победа од 1:0 и да го освојат националниот куп. Во еден тврд и тежок натпревар, нашите момци беа поквалитетна екипа, па на крајот сосема заслужено славеаа.
Мечот започна со претпазлива игра на двете страни. Секако влогот беше голем па двете екипи имаа внимателен пристап во дуелот. Се играше 15 минута кога Есмин Личина со еден прекрасен удар од околу 25 метри успеаа да ја затресе мрежата на противникот и да донесе предност за својот тим. Избраниците на Марковски играа позиционирано не сакаа многу да трошат од силите, бидејќи им престои борба и за титула во првенството. Со оглед дека за три дена одиграа два тешки натпревари, заморот беше присутен кај нашите момци. Работнички немаше некоја посериозна шанса за погодок, освен еден удар од 20 метри, кој заврши директно во рацете на нашиот голман. Во првото полувреме црвено-црните беа многу подобар противник.
Во вториот дел екипата на Работнички се обидуваше да направи нешто посериозно, но без голема опасност кон нашиот гол. За одбележување е и големата шанса за погодок на напаѓачот Виктор Димков, кој пропушти одлична прилика за зголемување на предноста. На ова финале, Вардарци настапија без својот капитен Борјан Тодоровски и Дарко Додевски, кои се стандардни првотимци во составот на Калц. И покрај се кадетите се освојувачи на купот на Македонија. Оваа генерација бележи одлични резултати оваа сезона и се многу блиску до освојување на титулата во првенството.
Вардар настапи во следниов состав: Трајчевски, Ричков, Исмаил, Цукалевски, Јошевски, Личина, Мамути, Димитровски, Димков, Беќири, Даци.