Повозрасните младински категории на ФК Вардар не се прославија многу за сезоната која измина. Знаеме дека Шкендија доминираше и успеа да стане шампион во дури три возрасни категории, додека само во една и тоа кај помладите пионери, екипата на Вардар го освои трофејот.
Сепак што се однесува до најдобрите стрелци по генерации, кои постигнаа најмногу голови, тука доминираат играчите на Вардар. Инаку кај младинците најдобриот стрелец е од редовите на Вардар, а тоа е Јахја Абдулхади, кој заврши на првото место на листата на најдобри стрелци, со вкупно 22 голови, оставајќи ги зад себе Билали (Ренова), Љума ( Шкендија) и поранешниот вардарец, Геговски кој оваа сезона настапуваше за Македонија Ѓ.П.
Кај кадетите, најефикасен стрелец е повторно играч од редовите на Вардар. Се работи за Џемал Ибиши кој на стартот од сезоната дојде од екипата на Металург и се покажа како врвен голгетер. Тој сезоната во првенството ја заврши со 14 погодоци, еден повеќе од неговиот соиграч, Милан Благојевиќ, кој имаше 13 голови.
Кај пионерите, најдобриот стрелец доаѓа од екипата на Шкендија, тоа е Ајдини кој постигна 18 голови, додека на второто место е Сухеји од Шкупи со 13 голови. На третото место се најде играчот на Вардар, Туша Ветон кој за една полусезона одиграна во црвено-црниот дрес постигна 12 голови.
Кај помладите пионери, единствената категорија во која бевме шампиони, најдобар стрелец е Таипи од екипата на Ренова со 24 голови. Второто место го делат Јошески од Победа и Максимов од Работнички, кои постигнаа по 17 голови, додека на третото место е Азер Омерагиќ од Вардар, кој постигна 14 голови.