Во пресрет на продолжување на пролетниот дел во младинската Супер Лига, вардаровите младинци кои финишираа на првото место во есенскиот дел ќе имаат тешка задача да го одбранат врвот, со оглед на големиот број заминувања кои се случија во изминатиов период.
Претходно, објавивме дека повеќе дел од Вардар не се Лео Андрески и Филип Ѓоргоски кои потпишаа за екипата на Охрид која како и Вардар се натпреварува во Втората Лига-Запад.
Во вториот дел од сезоната, Вардар ќе биде без најдобриот стрелец во младинската лига, се работи за Антонио Мирков кој до крај на сезоната ќе настапува како позајмен играч во екипата на Каменица Саса. На позајмица до летово ќе биде уште еден играч кој дебитираше сезонава во сениорскиот тим, се работи за Дарио Јовановски кој ќе игра за екипата на Беласица.
Од Вардар си заминаа уште двајца младински играчи. Се работи за Петре Тасевски и Дамјан Марковски, играчи кои ги поминаа сите младински категории на клубот, двајцата во пролетниот дел ќе бидат дел од екипата на Кадино, која игра во Втората Лига-Запад. Младинците останаа и без услугите на Абдула Хасани, но и без Грегори Давков кој после позајмицата во Скопје и дефинитивно си замина од Вардар, како нов играч на струмичка Беласица.
Ова е речиси комплетната прва постава на генерација 2003 која доминираше изминативе години, а која беше на добар пат сезонава да стане младински шампион. Познато е дека нов тренер на младинците е Милан Илиевски-Мичка.