Денес на теренот на Академијата, генерацијата 2006 на ФК Вардар одигра контролен натпревар против екипата на Шкупи. На еден голгетерски дуел, поуспешни беа вардаровите млади надежи кои славеа триумф со резултат 5:3.
По првото полувреме, резултатот беше израмнет 2:2. Вардар беше тимот кој успеа прв да го отвори резултатот со голот на Нуман Ајетовиќ за водство од 1:0, додека Шкупи врати на ист начин и израмни на 1:1. До крајот на првиот дел беа постигнати уште два гола, по еден во двете мрежи. Момците на Милан Коцески ја вратија предноста, за 2:1 во листата на стрелци се запиша Андреј Величковски, додека пред крајот на првиот дел гостите од Чаир се погрижија за ново израмнување, овој пат за 2:2, резултат кој беше конечен на полувреме.
Вардар покажа дека е поквалитетен тим на овој дуел, во вториот дел постигнавме нови три гола, но создадовме и уште неколку добри шанси за повисока победа. На стартот на вториот дел, црвено-црните со голот на нововлезениот Михаил Танчев повторно доаѓаат во предност со резултат 3:2. Гостите беа упорни, после една акција го совладаа нашиот голман за 3:3, но тоа беше се од нивна страна на овој дуел. До крајот на натпреварот играше само еден тим на теренот, тоа беше нашиот Вардар.
Во листата на стрелци се запишува и играчот од средниот ред, се работи за Аце Миовски кој се снајде после една акција во противничкиот шеснаесетник за предност од 4:3, додека водството на 5:3 го зголеми Нуман Ајетовиќ, за кој ова денес беше втор погодок.
Вардар: Данстак, Порчу, Николов, Спасовски, Јанкоски, Величковски, Миовски, Нуредини, Коловски, Николовски и Ајетовиќ.
Играа уште и Краљевски, Гаштаров, Љатифи, Танчев, Хасиќ, Атанасов, Цековски, Крстевски и Грбовиќ.