Вардар стигна до првите бодови во новата сезона. Поладнево шампионот лесно и убедливо ја совлада прилепска Победа со резултат 4:0 (2:0). Головите за Вардар ги постигнаа Барсегјан, Којашевиќ, Итало и Фелипе. Ова беше деби натпревар и погодок за Итало во “црвено – црниот” дрес.
Вардар без многу мака дојде до комотна предност уште по првото полувреме против прилепска Победа. Уште во првата минута Победа ја направи вообичаената замена, на местото на младиот голман Котевски во игра влезе капитенот на екипата Талески. Вардар уште во 4′ од натпреварот дојде до водство од 1:0. Барсегјан се најде во убава шанса, биеше од 15-сетина метри високо во горниот десен агол за предност на нашиот тим. Во 14′ се закани Фелипе со удар кој заврши покрај голот на Талески. Во 28′ Барсегјан пропушти голема шанса да го постигне својот втор гол денеска за само 28 минути, од десетина метри биеше само над голот на Талески. Единствениот удар во првиот дел гостинот го упати во 39′ преку Асани кој заврши високо над голот на Гачевски. За на полувреме да се замине со комотна предност се погрижи Којашевиќ кој стрелаше прецизно во 45+1 за 2:0 по одбиена топка на голманот на гостите.
На почетокот на вториот дел во игра во тимот на Вардар влегоа Итало и Муслиу на местата на Којашевиќ и Исени. Уште во третата минута Итало можеше да го постигне својот првенец, неговиот удар заврши за малку крај голот на Талески. Во 62′ Итало повторно беше во шанса, биеше само во пречката од 18 метри. Третиот обид на Итало заврши во голот на Талески. Брдаровски одлично нафрли, Итало биеше со глава, голманот на гостите кратко одби која стигна повторно до Итало кој погоди за веќе 3:0. Ова беше деби настап и деби погодок за Итало. Во 77′ во Вардар влезе и младиот Стојчевски на местото на Барсегјан. Точка на оваа средба стави Фелипе во 86′ со гол од пенал. Со резултат 4:0 заврши овој дуел.