Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Петлиња > Вардар подобар од Шкупи, во дербито на регионалната-скопска лига, кај генер. “2005„
Вардар подобар од Шкупи, во дербито на регионалната-скопска лига, кај генер. “2005„

Вардар подобар од Шкупи, во дербито на регионалната-скопска лига, кај генер. “2005„

Генерацијата на ФК Вардар родени “2005„ стигнаа до нов триумф во рамките на регионалната-скопска лига, откако утрово на теренот на Академијата ја совладаа екипата на Шкупи, со резултат 4:2.

Вардар: Илиевски, Ристовски, Кукуловски, Таневски, Јакимовски, Сековски, Гаштаров, Спасиќ, Коловски, Лефковски, Величковски (c).

Првиот удар кон противничкиот гол го имаше Матеј Гаштаров кој бие во рацете на добро поставениот голман на Шкупи. Се обиде и гостинскиот тим, но нивниот удар заврши над нашиот гол. Гледавме борбен натпревар од страна на двете екипи, во кој црвено-црните имаа иницијатива. Покрај двата постигнати голови имавме уште неколку шанси да го зголемиме резултатот. Во прилика се најде и Величковски, кога по нафрлена топка од Сековски, биеше со глава, но голманот на Шкупи не дозволи негатива. Сепак во следната акција успеавме да го отвориме резултатот, кога противничката мрежа ја затресе капитенот Никола Величковски, кој на асистенција од Гаштаров успеа да му донесе предност на Вардар од 1:0. После водството во шанса се најдоа и Спасиќ како и Сековски, но одбрани гостинскиот голман. До крајот на првиот дел постигнуваме и втор гол и тоа дело на Лефковски, кој по голема мешаница во противничкиот шеснаесетник најдобро се снајде и ја вметна топката во мрежата, за на полувреме да имаме предност од 2:0.

На стартот од вториот дел, екипата на Шкупи постигна гол од прекин и го намали резултатот на 2:1 и донесе неизвесност на овој дуел. Сепак вардарци доминираа и во вториот дел и на крајот сосема заслужено победија. Беа направени и првите измени во редовите на Вардар. Од игра излегоа Сековски и Коловски, кои се генерациски родени “2006„ година, додека на нивно место во игра влегоа Калановски и Јовановски. Пред да го постигнеме третиот гол на натпреварот во прилика се најде Величковски, но одбрани голманот. Сепак истиов играч во следната акција успеа да го зголеми резултатот на 3:1. На денешниот дуел доста активни на теренот беа Гаштаров и Лефковски, кои создаваа многу проблеми на противничката одбрана. Токму на Лефковски му се препишува пола гол, кога го пронајде Величковски, на вардаровиот капитен не му беше тешко да ја смести топката во мрежата, што значеше и предност од 4:1. Нови измени во нашиот состав. На теренот се Николовски и Радевски, кои ги заменија Лефковски и Ристовски. Мора да се истакне и добрата одбрана на нашиот голман, Леонид Илиевски кој спречи погодок во нашата мрежа, но во следниот обид Шкупи постигна гол и го намали резултатот на 4:2. Последните две измени кај нас, во игра се Конески и Галевски, на местото на Гаштаров и Јакимовски. На крајот триумф за Вардар изразен со резултат 4:2.

Ова е петта последователна победа за вардаровата генерација “2005„ во регионалната-скопска лига, која го држи врвот на табелата.