Една од најдобрите генерации на фудбалскиот клуб Вардар во есенскиот дел се дечињата родени “2005“ година кои се предводени од тренерот Игор Кралевски. Тие се натпреваруваа со две екипи во детската лига кои станаа есенски шампион со максимален број на освоени бодови. Токму Горјан Цветков е член на оваа надежна генерација, кој во есенскиот дел настапуваше за Вардар (2) каде беше прв стрелец на својата екипа, а трет во целата генерација, со вкупно 19 постигнати голови. Брз играч со голема прегледност на теренот. Располага со силен удар кој често е небранет за противничките чувари на мрежата, техника како и чуство и инстикт за игра. Покрај тоа што е еден од најдобрите стрелци, исто така е доминантен во однос на асистенции кон своите соиграчи при постигнувањето на голови. Слободно може да се каже дека ги поседува сите квалитети еден ден да стане врвен фудбалер. Во следново интервју ве запознаваме со токму со Горјан Цветков, членот на Вардаровата генерација родени “2005“ година.
1. Кој беше вашиот најголем поттик и мотив да започнете да играте фудбал, како и вашиот прв клуб и тренер со кој имавте можност да работите ?
- Желбата за фудбал ми се роди уште како мал. Поточно првиот контакт со фудбалската топка која ми ја подари мојот татко. Воедно тој е мојот поттикнувач бидејќи е бивш играч на Вардар. Мојата желба се зголемуваше се повеќе вежбајќи во дворот на мојот дедо Тихомир-Гркот кој во негово време бил најдобриот среден играч во Скопје. Првиот фудбалски клуб во кој што членував цели 3 години е ,,Нова Колонија,, под водство на тренерите Слободан Игнатов-Цобе и Кристијан Стојановски-Гари.
2. Со генерацијата “2005“ на ФК Вардар станавте есенски шампион во детската лига со максимален број на освоени бодови. Како помина првата полусезона и колку сте задоволни од прикажаните игри и резултати ?
-Успешно завршена полусезона, со триумф на сите натпревари. Освоивме максимален бод на натпреварите кои ги одигравме. Премногу сум задоволен од нашата игра. Воедно тоа е наш поттик и голем мотив за престојната пролетна сезона.
3. Во есенскиот дел од сезоната се наоѓате во ТОП-3 најдобри стрелци во вашата генерација, со повеќе постигнати голови, што не беше случај во претходната сезона. Дали кај Горјан има напредок во играта и на што се должи поголемата ефикасност ?
-Горд сум што сум во групата на најдобри стрелци. Што се однесува до минатата сезона тоа беа моите први почетоци во Ф.К Вардар под водство на тренерот Зоран Петковски. Како нов член добро ме прифати и ми овозможи рамноправен третман со останатите. Тоа што оваа година постигнав повеќе погодоци се должи на продолжената континуирана работа на тренерот Игор Кралевски и подобро уигрување со моите соиграчи.
4. Во новата натпреварувачка сезона имате можност да работите со тренерот Игор Кралевски, кој има големо играчко искуство. Колку е тој заслужен за добрите резултати на екипата ?
-Во новата сезона стартувавме со нов тренер Игор Кралевски. Кој своето фудбалско искуство успеа успешно да ни го пренесе и со континуирано залагање и работа тоа да вроди со плод т.е најдобри сме во сите официјални и пријателски натпревари.
5. Што претставува за вас играњето во Вардар и кое е значењето кога ќе слушнете за овој клуб ?
-“Вардар”-престиж. Најдобриот фудбалски клуб во Р.Македонија. Нема млад фудбалер кој не сака во Вардар да заигра. Јас ја имам таа чест и привилегија да ги бранам Вардаровите бои.
6. Пред почетокот на сезоната бевте дел од “Фер Плеј Куп“ турнирот во Охрид, на кој го освоивте второто место. Какви се впечатоците од овој силен меѓународен турнир ?
-За Фер-Плеј куп можам да кажам дека беше солидно организиран, вклучени беа голем број екипи како од нашата татковина така и надвор од неа. Успеавме да се пласираме во финалето под водство на тренерот Игор Кралевски. Иако бевме само на почетокот од неговото водство сепак успеа да не склопи и добро да не организира така што го освоивме високо 2-место во генерација 2005.
7. Покрај натпреварите во детската лига, паралелно се натпреварувате во “Јуниор“ лигата. Колкаво значење има овој проект на ФК Вардар ?
-Јуниор лигата е добар проект на фудбалската школа на Ф.К Вардар, каде што многу деца од Скопје и од внатрешноста можат да ги покажат своите квалитети. Еден ден истите можат да бидат дел од оваа екипа.
8. Дали може вашата генерација оваа година да стане шампион во детската лига. Кои се очекувањата за пролетниот дел од сезоната ?
-Во пролетниот дел сакам да бидеме подоминантни како на резултатски така и на играчки план. Тоа сметам дека ќе го постигнеме со беспрекорната ангажираност на нашиот тренер како што беше и до сега.
9. Каде Горјан се гледа во иднина и какви планови имате зацртано ?
-Пред се да напредувам т.е да ги усовршам и надградам своите фудбалски способности. Еден ден се гледам себе си како играч на првиот тим на Ф.К Вардар и во репрезентацијата на Македонија (со мојата игра достојно да ги бранам боите на мојот клуб и мојата татковина).
10. Како ја гледата фудбалската игра и кој е “клучот“ за еден играч или екипа да биде успешна ?
-Фудбалската игра ја гледам како поле на натпревар на две екипи. Што се однесува за успешен играч и успешна екипа потребно е искусен тренер, добра фудбалска школа која несомнено е Фудбалската Aкадемија на Вардар со своите тренери, максимална посветеност и секојдневна работа. Им посакувам на сите деца да имаат можност да ги искусат условите кои ги овозможува фудбалската Академија на Вардар кој несомнено се најдобрите во нашата татковина.
Звонко Ивановски