Поразот во последните неколку секунди од силната Русија не само што го заборавија нашите кадети туку и го конвертираа во соодветна енергија и мотивација за да вчера ја запишат првата победа на Европското првенство (дивизија Б) кое веќе втор ден се одржува во босанската престолнина.
Нашите кадети се надигруваа со соодветната репрезентација на Белгија која минатата календарска година заврши како третопласирана и за малку не успеа да се пласира во Дивизија А.
Избраниците на Александар Јованчев го диктираа темпото на игра во речиси целиот натпревар, со мал пад на концентрацијата откако екипи се вратија на теренот по паузата на полувремето. Во финишот, нашите репрезентативци до 16 години славеа со 68-80 односно 13-22, 19-27., 28-16 и 8-15 по делници. Нашиот вардарец Марко Величковски постигна пет поени на овој дуел.
„Само потврдивме дека вчерашниот натпревар не беше случаен. Вчера немавме време за жалење, денес нема време за радост – веќе утре играме со Словачка. Да останеме смирени пред да имаме ден пауза. Им честитам на играчите кои ги послушаа сите мои совети и останаа смирени кога најмногу требаше“ – потенцира селекторот.
Следно за нашите репрезентативни кадети е натпревар против Словачка, закажан за денес (сабота, 11 август) со почеток во 21:00 часот.