Нашите репрезентативци до 16 години, предводени од селекторот Александар Јованчев, го освоија третото место на Европското првенство за кошаркари до 16 години, дивизија Б со што се пласираа во дивизија А. Со резултат од 84-66 совладана беше соодветната репрезентација на Чешка.
Нашите надежи играа егал-меч со Чесите 20 минути, но потоа следеа експлозивни десет минути, во кои се направи серија од 16-0 и противникот беше апсолутно надигран. Во третиот квартал од мечот, Македонија постигна 30 поени и прими само 14, со што се одлепи резултатски на 69-49 и мирно го трасираше патот до триумфот. Вардарецот, Мартин Величковски на овој натпревар постигна 7 поени, имаше 5 скока и 3 ассистенции. Тој на овој историски натпревар одигра 19:38. минути.
Избраниците на селекторот Јованчев се првата македонска селекција во младинските категории која по долги 12 години пауза влезе во повисок ранг. Последен пат досега тоа го направи генерацијата на Самарџиски и браќата Стојановски во 2006 година, како младинци.