Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Одбојка > Фалеше сет за пехар, ЖОК Вардар „сребрен“ во лигата
Фалеше сет за пехар, ЖОК Вардар „сребрен“ во лигата

Фалеше сет за пехар, ЖОК Вардар „сребрен“ во лигата

Одбојкарките на Јанта Волеј Кисела вода ја освоија шампионската титула за сезоната 2020/21 во Првата македонска лига. Во супер-интересната мајсторка од финалната серија тие го совладаа тимот на Вардар жени 2019 на гости со 3:2 (22:25, 26:24, 14:25, 26:24, 15:11). Во салата „Македонија“ во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во населбата Ченто во Скопје, црвено-црните водеа два пати, но ривалките израмнуваа, а во решавачкиот петти сет не дозволија вардарки да поведат ниту еднаш. Клучно беше тоа што составот на Јанта Волеј во тој сегмент не направи ниту една грешка, а на своја страна ја имаше извонредната Украинка Валерија Собол која беше сигурна во одлучувачките моменти.

Можеби клучен момент беше тоа што Вардар жени 2019 не ја искористи предноста од 20:13 во вториот сет и наместо водство од 2-0 дозволи израмнување со што го врати Јанта волеј во игра за третиот шампионски пехар во клупската историја. По 2017 и 2019, одбојкарките на Јанта повторно се качија на тронот, па сега имаат четири титули во витрините сметајќи ја и годинашната во купот заработена во финалето во Струмица токму против вардарки. Покрај Собол која блесна со 35 поени идентично како на третиот натпревар во понеделникот, кај Јанта волеј Кисела вода двоцифрени беа и Симона Стојановска со 35 и Сара Серафимова со 12 поени. Бојана Маројевиќ придонесе со 7, Тамара Тасевска и Софија Проковиќ со по 3, а Мила Стевановска со 1 поен. Кај вардарки, кои во првата целосна сезона од постоењето настапија во две финалиња (ланската не заврши поради пандемијата), Кубанката Ајдачи Агуеро денеска реазизираше 33 поени, Љиља Ковачевиќ и беше одлична поддршка со 19, а по 9 остварија Делчева, замената за Павовска и за Лазаревска на позиција среден блокер, како и Казахстанката Ксенија Курјерова. Теона Славкова заврши со 6, Теа Илиева со 3, а Ивана Пејовска со 2 поена. Тоа, сепак, не беше доволно за премиерен трофеј на Вардар жени 2019.

Во колективната статистика домашниот тим освои шест поени повеќе (109-103), како резултат на тоа што Јанта волеј потона во третиот сет во којшто остана само на 14. Црвено-црните имаа пет аса повеќе (11-6) и три блока повеќе (10-7), како и три грешки помалку (26 наспроти 29), а Јанта волеј беше подобар само во поените освоени преку напад (64-59), но сепак, на крајот успеа да слави во последниот натпревар во клупската сезона 2020/21, а со тоа првпат да се радува на двојната круна.