Се ближи сабота, ден кога ќе се одигра најважниот натпревар во првата полусезона за црвено-црниот кугларски колектив, меч кој го носи приматот “Кугларско дерби на Македонија“. Избраниците на Драги Димитровски ќе се соочат со шампионот на Македонија Кк Макпетрол. Овој меч ќе се игра на наш домашен терен во кугларницата при С.Ц “Борис Трајковски“, и на истиот ќе се обидеме да го совладаме шампионот на земјава. Пред овој најважен меч за титулата Вардар фанс го интервјуира претседателот и една од “ударните игли“ кои носи чести победи и решава мечеви за Вардар, фантастичниот куглар Димитар Димитровски. Димитровски веруваше пред година и половина во црвено-црниот проект дека може Вардар повторно да биде име кое во македонското куглање ќе биде синоним за квалитетен шампионски колектив. Со овој човек кој имаше визија и успеа да ги врати црвено-црните бои на врвот од мак.куглањето правиме кратко интервју на неколку теми.
Вардар фанс: Димитровски како сте задоволни од изминатиот натпревар со Кк ГТЦ кој го добивте по една тешка битка, на гости во кугларницата “Мусандра“ ?
Со оглед на паузата која ја имавме поради новогодишните и божиќните празници, а воедно и отсуството на поголемиот дел од екипата од редовни тренинзи, бевме под силен притисок од натпреварот со екипата на КК ГТЦ Мусандра на гостински терен. Тоа е екипа која е составена од искусни играчи и поранешни репрезентативци кои се многу конкуретни кога настапуваат на домашна куглана. Со самиот факт, дека со наш пораз во овој натпревар се отпишуваме од трката за титулата во домашното првенство, притисокот дека не смееме да го загубиме овој натпревар добиваше на интензитет. Како и што очекувавме, ова беше тежок и неизвесен натпревар кој се решаваше до самот крај. Победата од 5:3 не остава во ситуација да бидеме оптимисти за наредните натпревари.
Вардар фанс: На мечот во кугларницата “Мусандра“ вие бевте најдобар поединец, имавте резулат од 610 “соборени дрва“ и ако ги пропуштивте речеси цели подготовки кои следуваа пред овој дуел, како сте задоволни од она кое го прикажавте?
Нормално е да бидам задоволен како прво од нашата победа, а воедно и од мојот резултат. Мојот резултат немаше да има никаква вредност доколку ние го загубевме овој многу важен натпревар. Повторно ќе повторам дека со оглед на паузата која ја имавме, најважно е дека одигравме добар натпревар во кој издвојувавме значајна победа, а во наредниот период да ја подигнеме формата пред најважните натпревари.
Вардар фанс: Следен предизвик за црвено-црните е дерби на Македонската кугларска лига, тоа е дуелот со шампионот Кк Макпетрол, ќе успееме ли да ги “симнеме“ од тронот ?
Натпреварот со екипата на Макпетрол е директен дуел кој често го дава шампионот на Македонија во овој спорт. Нема потреба да се потенцира што значи КК Макпетрол во македонското куглање. Нам ни останува надежта дека можеме да одиграме квалитетен натпревар и дека ќе можеме да им парираме во секој дел од натпреварот. Спортски е да се надеваме и да се бориме до крај. Многу лесно може да се случи, да последниот натпревар од последното коло одлучува за титулата во домашниот шампионат. Императив на КК Вардар е да се бори за титули и сигурен сум дека секој наш натпреварувач ќе даде 100% од своите можности во овие натпревари.
Вардар фанс: Како од претседател на Вардар ве молиме за оценка на досегашните успеси за оваа година и пол од овој формат на постоење и кои се амбициите за тековната сезона:
Ако треба на направам кратка анализа на успесите што ги постигна КК Вардар од почетокот на фунционирањето во овој формат до денес, можам слободно да кажам дека се фантастични. Да потсетам: Во првата година од постоењето КК Вардар го освои второто место во домашното првенство и ја освои титулата во националниот куп на Македонија. Играчот на КК Вардар, Бојан Влаќевски го постигна највисокиот резултат (682 ) во историјата на домашните првенства и воедно рекорд на кугланата во СЦ Борис Трајковски, екипата на КК Вардар постигна највисок екипен резултат во историјата на домашните првенства…
Прво учество на меѓународна сцена со настап на НБЦ Купот во Ритцинг, Австрија и освоено 10 место во конкуренција на 24 екипи. КК Вардар е на добар пат да ги постигне зацртаните планови, а големината на името што го носиме ни дава обврска секогаш да се стремиме кон успеси и трофеи.
Михајло Тушевски