Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Одбојка > Јанта Волеј поведе со 2-1 во финалниот дуел со ЖОК Вардар
Јанта Волеј поведе со 2-1 во финалниот дуел со  ЖОК Вардар

Јанта Волеј поведе со 2-1 во финалниот дуел со ЖОК Вардар

Одбојкарките на Јанта Bолеј Кисела Bода славеа над Вардар жени 2019 на гости со 3:1 (20:25, 25:17, 25:20 и 25:21) во вториот натпревар од финалната серија во разигрувањето во Првата македонска лига и поведоа со 2-1 во победи во трката за шампионскиот трон за сезоната 2020/21. За разлика од претходниот дуел пред три дена, вардарки денеска одиграа подобро, но во нападот ја имаа само располоената Агуеро, а некоректниот прием не дозволуваше поголем и доволен придонес од другите одбојкарки, па играта повторно не беше на ниво за да се задржи предноста на домашниот терен во низата за пехарот. Јанта волеј Кисела вода полошо влезе во денешната пресметка, но се бранеше подобро в поле, ја користеше искусната Украинка Собол во нападот и по потреба на прием, а сето тоа и овозможи на техничарката Мила Стевановска да ги разигра примачките, како и блокерките, па освојувачките на годинашниот куп дојдоа на чекор до третиот првенствен пехар во клупската историја.

Гостинскиот состав имаше 57 поени од напад, 14 повеќе од Вардар жени 2019, а споредбено со првиот финален меч, денеска во салата „Македонија“ во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ распределбата на поените од блок и од сервис беа порамномерни. Јанта заработни 10 блока со 4 аса, а црвено-црните пет блока и седум аса. Односот на грешки, исто така, беше речиси изедначен, одбојкарките од Кисела вода подарија 28, а вардарки 27 поени, па во колективната статистика главната разлика ја прават поените од акција.

Индивидуално, Собол заврши со 24, Серафимова со 17, а двоцифрена кај Јанта волеј беше и Маројевиќ со 10 поени. Блокерките Тасевска и Стојановска придонесоа со по 9, а Стевановска со 1 поен. Кај Вардар жени 2019, мала утеха е фактот што најефикасна на средбата беше Агуеро со 29 поени, Ковачевиќ освои 9, а пред да се повреди, Павловска забележа 5 поени. Славкова и Лазарова, која се врати во тимот, имаа 4, Илиева и Курјерова по 2, а Пејовска 1 поен.

Наредниот, трет натпревар во серијата е в понеделник во Кисела Bода, а може да биде последен доколку трумфира Јанта волеј. Во спротивно, со победа на Вардар жени 2019 и израмнување на 2-2, за пехарот ќе решава мајсторка на теренот на црвено-црните кои во финалето влегоа со почетна предност од 1-0.