Викендов на програмата во Македонската кугларска лига е 10.коло или крајот на вториот круг од првенството кое се игра оваа сезона трикружно. Сепак по претходен договор на нашиот клуб Вардар и неговиот противник во ова коло мечот ќе се одигра порано, т.е. денес. Вардар е домаќин на екипата на КК Империал Тобако ТКС.
Мечот помеѓу нашиот тим и “фенерџијата“ во лигата ќе се одигра денеска со почеток во 16-00 часот. Вардарци се домаќини на овој дуел во нивниот дом кугларницата “Мусандра“ во Градскиот трговски центар Скопје. Вардар е изразит фаворит против најслабиот тим во МКЛ оваа сезона. Ова е шанса да врземе две победи по ред, а и да избиеме на втората позиција пред екипата на КК ГТЦ Мусандра со која имаме по 10 бода по одиграни 8 мечеви досега. Нашите јуниори и нивните врсници од Империал Тобако ќе се сретнат во 16-00, а веднаш по нив ќе стартува дуелот на сениорските состави. Јуниорите ќе атакуваат на четвртата победа од исто толку мечеви одиграни за нив во овој нов сегмент во МКЛ. Во првиот есенски дуел ние како гости со истиот противник однесовме триумф од 0-8, во сетови триумфиравме со високи 18-6, а во “дрва“ имавме позитива од над 330 соборени. За очекување вечер е дека тренерот Драги Димитровски ќе даде прилика на некои од играчите кои помалку добиваат шанса во досегашниот дел од сезоната.