СКОПЈЕ ДОБИВА ТАРТАН ПАТЕКА
До летните Олимписки игри во Мексико, 1968 година, атлетските патеки на кои се трчало биле покриени со шљака. Во поволните временски услови, таквите патеки одговраат на повеќе различни дисциплини, но во периодот на врнежи, шљаката на дожд се претвора во кал, што предизвикува одлагање на натпреварите бидејќи го оневозможува натпреварувањето како во тркачките, така и во скокачките и фрлачките дисциплини.
Во тоа време раководството на репрезентацијата на САД спроведе кампања за воведување нова, подобрена подлога, која на спортистите би им овозможила на отворено да се натпреваруваат во речиси сите временски услови, а на публиката да ужива во спортските натпревари. И тогаш за прв пат се појави тартан патеката, полиуретанска подлога, бренд на компанијата “3M” од Минесота, која го ангажираше легендарниот олимписки победник Џеси Овенс како промотор со задача да го убеди Олимпискиот комитет на Мексико да ја прифати оваа нова подлога. Треба да се истакне дека тартанот ја претставуваше втората генерација на синтетичките атлетски подлоги за сите временски услови.Во првобитната верзија имавме патеки составени од маса излиена рециклирана гума и асфалт, но тие се покаажаа како недоволно отпорни на механички оштетувања што ги оставаат клинците на спринтериците.
Резултатите постигнати на ОИ во Мексико ја оправдаа определбата да се трча на тартан. Само да истакнеме дека беше постигнат извонреден резултат во скок во далечина кога американскиот атлетичар Боб Бимон ја прескокна должината од 8.90 метри. За прв пат на оваа олимпијада беше воведено електронско мерење и фотофиниш. И на 100 метри беше подобрен резултатот на победникот во однос на претходната олимпијада во Токио 1964 година. Во Tокио, Боби Хејс трчаше 10.0 додека во Мексико, Џим Хајнес истрча 9.95 , и тоа со електронско мерење.
Од ОИ во Мексико, секаде во светот почнаа да се поставуваат тартан патеки. Веќе во 1970 година ги имаа градовите Белград и Загреб. По тој пример тргна и раководството на Атлетскиот сојуз на Македонија.
Напорите на АСМ и многубројните атлетски работници да се добие модерна атлетска патека вродиа со плод. Откако најнапред беше поставена асфалтна подлога, американската компанија “3M”, ја постави новата тартан патека. Со тоа, во 1973 година, и градот Скопје се најде на листата на атлетските центри каде непречено ќе можат да се одржуваат тренинзи и врвни атлетски манифестации.Тоа беше еден од најрадосните моменти во историјата на македонската атлетика. Сега тренинзите можеа непречено да се одржуваат без оглед на временските услови, и во секој период на денот. Немаше повеќе прашина, немаше повеќе кал. Ова значеше голем настан не само за атлетичарите од скопските клубови, туку и за оние кои трнираа во внатрешноста. Едноставно, секој натпревар беше предизвик да се оствари максимално добар резултат. Освен натпреварите кои произлегуваа од Календарот за натпревари, вредните атлетски натпревари организираа и трки пред и во полувреме на фудбалските натпревари. За многу кратко време, голем број атлетичари ги постигнаа своите најдобри резултати, а беа поставени и повеќе нови републички рекорди.
Од оваа временска дистанца можеби звучи несфатливо, но тогаш атлетските борилишта ги задоволуваа сите стандарди за одржување на републичките и сојузните и натпревари, се до најквалитетниот натпревар, финале на Купот на Југославија. Често се практикуваше одржување на атлетски трки и во полувреме на фудбалските натпревари што ги играше ФК “Вардар”. Тогаш, за прв пат во својата историја, и меморијалот “Лазо Милошевски” се одржа на новата тартан патека. Со тоа можевме да конкурираме за добивање организација на најквалитетните атлетски натпревари, како сојузни, така и меѓународни. Но, бидејќи стадионот немаше 8 патеки, не бевме во состојба да организираме Балкански атлетски игри.
Новата атлетска патека претставуваше силен предизвик за подобри резултати и омасовување на клубот со нови атлетичари. Така, првото финале на Купот на Македонија, одржано на новата патека, во 1973 година, заврши со победа на машката екипа на АК “Вардар”. Се надеваме дека фотографијата од овој настан ќе ги потсети сите учесници кои несебично се бореа за боите на својот клуб, и му ја донесоа првата клупска победа на новата тартан патека.
Големите ентузијасти и членови на тогашното претседателство на АСМ донесоа одлука да аплицираме за добивање организација на финалниот натпревар на Купот на Југославија за сениори и сениорки. Откако беше констатирано дека ги исполнуваме сите критериуми, АСЈ го определи Скопје за домаќин на овој натпревар. Финалето се одржа во два дена, на 22 и 23 јуни 1974 година. Тие два дена Скопје беше вистински атлетски центар. Можеа да се видат голем број врвни атлетичари, репрезентативци и рекордери. Тука беа Дане Корица, Јошко Алебиќ, Петер Свет, Јелица Павличиќ, Лучиано Сушањ, Вера Вељановска, Ненад Стекиќ, Наташа Урбанчич, Ѓурѓа Фочиќ и др. Заедно со своите пулени, во Скопје пристигнаа и повеќе реномирани атлетски тренери: Александар Маринковиќ, Аца Петровиќ, Лео Ланг, Лазар Ќировиќ, Жељко Лесковац, Аца Миленковиќ, како и нашите тренери: Гешовски Ѓорѓи, Илија Чукалковски, Симе Георгиевски, Крсто Серафимовски, Душко Ангеловски, Јован Шуков и др.
Некои од атлетските имиња веќе беа познати во Европа и во светот. Дане Корица беше државен рекордер на 10.000 и 5.000 метри и еден од најдобрите долгопругаши во Европа. Јелица Павличиќ како спринтерка беше во врвот на светската атлетика. Ненад Стекиќ во скок во далечина имаше извонреден резултат и европски рекорд од 8,45 см. , а над 100 пати ја прескокнал далечината од 8,00 метри. Со останатите sвезди беше и македонската рекордерка и членка југословенската репрезентација на 100, 200 и штафетата 4х100 метри, Вера Вељановска.
Но од сите нив, бројната атлетската публика во Скопје која ги следеше натпреварите, посебно го запомни атлетичарот Лучиано Сушањ. Со својата појава и височина (185 см), како и неговата култура и неспорен авторитет, секогаш беше во средиштето на вниманието. Откако прво победи на 400 метри, вториот ден, на 23 јуни 1974 година, Лучиано Сушањ настапи на 800 метри, при што извојува убедлива победа со резултат од 1:45,1 , што претставуваше убава најава за неговиот настап на Европското првенство во Рим, истата година. Овој резултат претставува најдобар резултат воопшто истрчан на Градскиот стадион во Скопје, а со тоа и најубава промоција на патеката.
Вистинскиот предизвик за Сушањ претставуваше Европското првенство во Рим 1974 година. По претходните квалификации на 800 метри, на 4 септември 1974 година се одржа финалната трка. Рамо до рамо настапи со актуелниот светски рекордер и миленикот на домашната публика Марчело Фијасконаро и тогаш 19-годишниот британски атлетичар и подоцна олимписки победник, Стив Овет. Се до 200 метри пред целта се водеше изедначена борба меѓу овие конкуренти. Но тогаш, во незаборавен спринт, Сушањ успеа да се оддели од останатите и со резултат 1:44,07 да стане европски шампион. Во целта влезе со предност од 13 метри одн. 1,70 секунди.
Ние, атлетичарите, атлетските работници и многубројната публика во Скопје и останатите градови на Македонија ја имавме честа да ја поздравиме оваа атлетска легенда која непосредно после победата во Рим, најде време и желба да не удостои со своето учество на меморијалниот митинг “Лазо Молешевски”. Многу години подоцна, кога веќе не се занимаваше активно со атлетиката, го поканивме овој голем пријател на АК “Вардар” и Македонија, да биде гостин на 28 Меморијал “Лазо Милошевски”, одржан во 1992 година.
Во програмата на Митингот беа застапени повеќе атлетски дисциплини, но централно место претставуваше меморијалната трка на 400 метри. Во 70-те години, во оваа дисциплина секогаш беа поканувани истакнати имиња и големите шампиони од земјата и странство, кои со големо задоволство учествуваа на неа. Меѓу тие имиња би се потсетиле на Јошко Алебиќ, член на АК „Сплит“, кој победуваше 4 пати, а во 1979 година постигна и рекорд на меморијалната трка на 400 метри со резултат од 46,60 секунди. Алебиќ беше еден од најдобрите европски тркачи на 400 метри, кој до доцната младост успеваше да се носи рамноправно со сите противници.
Меѓу оние што два пати триумфирале е и бугарскиот репрезентативец Јанко Братанов. Тој беше врвен тркач на 400 метри, носител на медал од Европското првенство, како и учесник во финалната трка на 400 метри на Олимпијадата во Монтреал 1976 година.
Освен овие атлетичари, како гости на Меморијалот во 70-те години, кои извојувале победа, би ги спомнале и Злате Влчев од Бугарија, како и Исмет Абази од AK “Црвена Звезда” од Белград.
По повод денот на ослободувањето на Град Скопје, Собранието на Сојузот на физичка култура во, 1970 година, донесе Одлука за воспоставување на наградата “13 ноември”, што од тогаш, традиционално секоја година се доделува на: спортисти, спортски работници, тренери и клубови за постигнати резултати во тековната година, а од 1995 година се воведува и награда на спортски ветерани за Животно дело>
Од АК “Вардар” наградата “13 ноември” ја добиле: Љубица Алексиева (1972 год.), Томе Илиевски (1974 год.), Исмаил Мачев (1983 год.), Петар Алексовски (1987 год.), Зоран Петревски (1995 год.). Наградата “ветеран во спортот”, во 1996 година, ја доби Љубица Алексиева.
Уште од своето формирање, па натаму низ својата долга и успешна историја, Вардар имаше успешна соработка со повеќе средни и основни училишта во Градот, од кои црпеше нови талентирани спортисти. Во средината на 70-те години, како еден од тренерите во клубот се вклучува и Вацев Васил, професор по физичко воспитување во Средното стручно училиште “Kоце Металец”. Инаку, Вацев беше поранешен гимнастичар и автор на повеќе слетски вежби. Но сега, најде нови предизвици во својата професионална кариера. Создаде една група перспективни атлетичари, од кои ќе ги спомнеме: Патров Славе, Боцевски Киро, Мачев Исмаил, неговите ќерки Весна и Роза Вацев и др. Во 1974 година, јуниорската екипа на Вардар го освои првото место во Македонија.
ПРОДОЛЖУВА….
Следен наслов “ТАСЕВСКИ ЗОРАН ПОСТАВУВА НОВ РЕКОРД ВО СКОК ВО ДАЛЕЧИНА (1976)”
Пишува>проф.
Мирослав Бошковиќ