Краткиот зимски одмор за избраниците на Драги Димитровски, момците од Кугларскиот клуб Вардар полека истекува. На вардарци им останаа само овој викенд денес и утре за одмор, од понеделник, 9-ти јануари тие тргаат со зимските подготовки.
За понеделник попладне е закажан првиот тренинг кој Димитровски ќе го одржи со совите пулени во кугларницата “Мусандра“ при Градскиот трговски центар Скопје. Месецов почнува пролетниот дел во Македонската Кугларска лига-МКЛ. Во сабота на 21-ви јануари, на програмата е првото пролетно коло односно 6.коло во МКЛ. Оваа сезона таа има шест учесници и според пропозициите ќе се игра трикружно, односно ќе има 15 кола. Напролет ќе има доста мечеви, девет во лигата, и целиот дел во Купот на Македонија. Вардар во 6.коло е гостин во дербито со КК Макпетрол. Истото ќе се игра во кугларницата при Спорскиот центар “Борис Трајковски“ на 21/01/2017 со почеток во 12-00 часот. Првпат во историјата на МКЛ ќе може да се следи меч, дербито на Македонија во куглање преку видео стрим. По првите пет кола прв е Макпетрол со 10 бода од 5 меча, втор е Вардар со 8 бода од исто толку мечеви.