После трите контролни натпревари против селекцијата на Босна и Херцеговина, на кои забележавме победи, селекторот на Македонската репрезентација, Лино Червар одреди кои 19 ракометари ќе патуваат за Франција на претстојното светско првенство. Од последниот конечен список отпаднаа Велковски и Андоновски.
Место на овој мундијал имаше за капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов и за младото десно крило на Вардар и Вардар Јуниор, Мартин Поповски. Ова ќе биде негово деби на светските првенства во дресот на националната репрезентација. На секој натпревар право за настап ќе имаат 16 ракометари, но секоја селекција може да понесе тројца резервни играчи и зависност од желбите и потребата на тренерот, тој состав од 16 ракометари на секој натпревар може да се менува со дополнително внесување на нов играч.
Македонија се наоѓа во групата Б заедно со селекциите на Шпанија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола. Првиот меч го играме на 12-ти јануари против Тунис.