Кугларскиот клуб Вардар веќе ја започна сезоната во домашниот шампионат, по првото коло во кое триумфиравме веќе не очекува и второто. Еден од момците кој одигра одлично, во 1.коло од Македонската лига и поентираше кога мечот се кршеше беше Георг Поп-Крстев. Играчот кој од почетокот на минатата сезона е дел од Вардар и се врати на овој спорт по пауза подолга од две години беше таличен за “пумпашите“ во Купот на крајот од изминатата, а одлично тргна и во новата сезона. Поради промените во составот на црвено-црниот клуб и заминување на двајца клучни играчи се очекуваа оваа сезона голем товар да падне на неговите плеќи. Во продолжение ви носиме интервју со овој вардарец.
1. Како го оценуваш првото коло во кое се сретнавте в гости со екипата на КК ГТЦ Мусандра, тим кој беше фаворит на овој дуел во Македонската кугларска лига?
Со нетрпение го очекував стартот на новата сезона и веднаш ждребот одлучи во првото коло да имаме дерби натпревар и тоа на гости против КК ГТЦ. Битката беше неизбежна. ослабени оваа сезона со заминувањето на Димитар Димитровски влеговме да се надигруваме со противникот. На крај се се заврши како што посакувавме со победа над екипата на ГТЦ иако беа благи фаворити на овој натпревар. Им честитам на моите соиграчи и тренерот за напорот кој го направивме да ги освоиме двата бода на гости.
2. Успеа да освоиш во дуелот со твојот ривал 0,5 поени кои беа клучни за минималната победа, твој коментар за твојата игра, она што го прикажа колку си задоволен од истото?
Да го освоив можеби најважниот пола поен на овој натпревар изиграв нерешено со мојот противник во последната кугла. Како сум задоволен од мојата игра? Хммм… Не многу, лошо почнав добро продолжив, но некаде на пола како да се изгубив на стаза, болка во коленото ми ја одземаше потребната концентрација и неможев да играм добро. Најбитното од се е што издржав, успеав да се вратам и не изгубив.
3. Во каква форма си во овој дел од шампионатот ти и тимот, имавте осетна промена на ростерот што тоа донесе за вас?
Работиме со полна пареа си замина Диме дојдоа Влатко и Тони. Формата пополека но сигурно иде во нагорна линија. Лично јас имам уште многу работа за да го достигнам она што го прикажав ланската сезона. По првиот натпревар промените во екипата се чуствува по малку, но со желба и борба на стаза од моите соиграчи сето тоа се покрива.
4. Веќе во понеделник ве очекува нов предизвик, домашен дуел со екипата на КК Империал Тобако ТКС во “Борис Трајковски“, твои очекувања за истата?
Следниот натпревар ни е со Империјал Тобако во понеделник на домашна куглана. Очекувањата за овој натпревар се исти како и за оној првиот идеме на победа и солидна игра. Се надевам дека нема да имаме поголеми проблеми да го совладаме протиникот… И ПАЗИ ВАРДАР ГАЗИ…
5. За крај твој кратки очекувања за престојната сезона која е пред вас и настапот во двете натпреварувања на домашен план?
Моите очекувања за оваа сезона се одбрана на вице шампионското место во македонската кугларска лига-МКЛ и финале на Македонскиот кугларски Куп. Јас мислам дека моите очекувања се реални и дека сме на вистинскиот пат да го оствариме зацртаното.