Денес како што ветивме продолжуваме со ново продолжение од историјата на атлетскиот клуб Вардар. На ред е седмото продолжение во кое се опфатени крајот на 70-тите и почетокот на 80-сетите години од минатиот век. Професорот Мирослав Бошковиќ во своите пензионерски денови неуморно не води низ историјата на Вардар.
И во втората половина на 70-те години, АК “Вардар” беше водечка екипа во македонската атлетика. Фотографијата на најубав начин ја илустрира состојбата во клубот на планот на неговата организација и бројноста. Покрај Тасевски Зоран, клубот имаше и други успешни атлетичари: Чашуле Илија, Циривири Ѓорѓи, Тодоровски Зоран, Мачев Исмаил, Ангеловски Ацо, Вељановски Александар, Трајковски Момо, Јовчевски Раде, Паковски Вено, Красниќи, Боцевски Киро и др. Покрај Симе Ѓеорѓиевски, како професионален тренер, работеа и Вацев Васил и Апостолски Љупчо. Како наставници по физичко воспитување, Вацев и Апостолски работеа на откривање на новите таленти во своите училишта, кои потоа се вклучуваа во тренажниот процес во клубот.
Силен поттик во омасовувањето на клубот, претставува ангажирањето на Љупчо Апостолски, како еден од тренерите. Како наставник во основното образование, во населбата Драчево, тој направи една извонредна селекција која повеќе години доминираше на екипните и поединечните првенства во Македонија, како и на државните натпревари, а поединци го облекоа и репрезентативниот дрес. Во таа група треба да ги издвоиме Сачевски Сокол, Видмар Марјан, Коколански Славе, Саздовски Ацо, Христовски Виктор и др.
Од сите нив, најрано блесна првата sвезда, младиот атлетичар, Сачевски Сокол. Уште како 17-годишно момче, покажа дека е вистински наследник на своите претходници Лазо Милошевски, Милош Буцевски, Тасевски Зоран и Цветан Панев. Во 1978 година, на 100 метри истрча извонредна трка, на која победи со резултат 10,7 . Овој резултат претставуваше нов рекорд на Македонија за младинци до 17 години. Истата година, на 60 метри постави македонски рекорд од 6,9 , кој се уште претставува рекорд на Македонија за младинци до 17 години. За неговиот натамошен развој, и новите успеси и рекорди ќе зборуваме во идните продолженија.
Во скок во височина, значајни остварувања постигнаа Видмар Марјан и Коколански Славе. Двајцата со голем успех минуваа низ старосните категории, постигнувајќи високи резултати. Видмар Марјан има прескокнато височина од 193 см. , додека Коколански Славе имаше најдобар резултат од 188 см.
За успесите на АК “Вардар” во фрлачките дисциплини, мошне голем придонес имаа Паковски Вено и Маџаровски Николче. Со своите резултати, Маџаровски стана најуспешен фрлач на диск и ѓуле во младинска конкуренција, а беше меѓу најуспешните и во Југославија. Неговиот најголем успех е освојувањето на 3 место на поединечното првенство на Југославија во ѓуле, во Нова Горица.
Значаен настан во историјата на Вардар во 1977 година, претставувуваше одбележувањето на 30 години од формирањето СД“Вардар” и АК “Вардар”. За еден ваков јубилеј, Спортското друштво се подготвуваше мошне темелно. Свечената седница се одржуваше во празнична атмосфера. Покрај претседателот на друштвото Боге Сотировски, на присутните им се обрати и Часлав Божиновски, врвен фудбалер и успешен тренер на ФК “Bардар”. Посебно внимание му беше посветено на првиот претседател на СД и ФК “Вардар”, Димче Беловски. На оваа свеченост можеа да се забележат голем број истакнати спортисти, спортски работници, тренери, како и љубители на клубот. Меѓу клубовите кои постигнаа врвни резултати во тој период, секако би требало да го спомнеме ОК “Вардар”, кој во 1976 година, предводен од врвниот стручњак Таки Џиков, стана првак на Југославија, а во 1977 година го освои IV место во Европа. Беше тоа една непобедива генерација а меѓу тогашните одбојкари, некои станале имиња од европски формат: Трифун Трифуновски, Владимир Богоевски, Александар Тасевски, Србиновски, Докузовски …
На најуспешните и највредните членови на друштвото и спортските клубови им беа доделени јубилејни плакети.
По завршувањето на сезоната, кон крајот на 1978 година, започна реконструкцијата на Градскиот стадион, поточно неговата Јужна трибина. Целта беше подобрување на стандардите за одржување на натпреварите и зголемување на капацитетот и комфорот за следење на спортските натпревари. Во процесот на реконструкцијата, најнапред требало да се урне и расчисти просторот на Јужната трибина. Тоа значеше и селење на сите спортски клубови кои имаа соблекувални во потрибинскиот простор, а со тоа и АК “Вардар”. Ни беше ветено дека по реконструкцијата ќе добиеме нови, современи соблекувални, на истото место на кое се наоѓаа и старите. Привременото сместување го добивме во соблекувалните на ракометното игралиште на РК “Bардар”, веднаш покрај Зоолошката градина.
По две ипол години се реализира Јужна трибина со што го добива и денешниот изглед на трибината и капацитет од 9.800 места за седење. Но уредувањето на просториите под трибините подолго време мируваше, а подоцна, наместо да се изградат соблекувални, почнаа да никнуваат комерцијални објекти. Со тоа, овој простор, кој имаше чисто спортска намена, сега претставува бизнис центар.
Во овие години, Атлетскиот сојуз на Македонија редовно учествуваше на четворомечот на атлетските репрезентации помеѓу Македонија, Црна Гора, Потесна Србија и Косово. Секоја година, домаќин на средбите се менуваше. Така, покрај Скопје, натпреварите се одржуваа и во Беране, Прибој, Косовска Митровица, Горњи Милановац, Ниш, Бар и др. На овие натпревари, најдобрите атлетичари на АК “Вардар” беа составен дел на репрезентацијата на Македонија, која имаше извонредни успеси, претендирајќи на самиот врв во екипна конкуренција. Се надеваме дека ќе дојдеме до нови информации и документи, кои благодарејќи на Вардар Фанс, и уредникот за атлетика, Михајло Тушевски, ќе бидат достапни до читателите и многубројните симпазитери на нашиот атлетски клуб.
И кон крајот на 70-те и почетокот на 80-те години, раководтсвото на клубот организираше зимски и летни подготовки. Во Дојран се организираа зимските, додека во Маврово, летните подготовки. Благодарејќи на условите кои клубот ги обезбедуваше, екипата на Вардар беше повеќе пати екипен победник на Македонија. Оваа генерација на вардаровите членови исто така даде неколку рекордери на Македонија, а некои влегоа и во репрезентацијата на Југославија. Ќе ги спомнеме: Видмар Марјан , Сачевски Сокол, Мачев Исмаил, Мартиновски Трпе и др. За нивните успешни настапи на атлетската патека ќе имаме можност да се запознаеме во следните прилози.
Продолжува со… ПРОДОЛЖЕНИЕ (7): АК “ВАРДАР ” ВО 80-ТЕ ГОДИНИ….
Пишува: Професор Мирослав Бошковиќ