Од утре започнува финалната серија која ќе го даде шампионот во женската кошаркарска сениорска конкуренција. Сосема очекувано во истата ќе се најдат најдобрите екипи по регуларниот дел, нашиот женски кошаркарски клуб Вардар и актуелниот шампион тимот на Бадел 1862.
Вардарки во серијата влегуваат како Куп-шампионки, исто така ние оваа сезона имаме позитива во соочувањата со нив односно две победи (куп и во лига) наспроти една на сино-жолтите. Регуларниот дел избраничките на Жаклина Стојановска го завршија како лидери па ќе имаат предност на домашниот паркет во оваа финална серија “подобар од пет“. Тимот кој ќе дојде до три победи ќе се промовира во шампион. Вардар ќе се обиде да ги обедини двете титули, нешто што изминатите две години беше случај, бидејќи двата тима “поделуваа“ по една титула. Ние сме домаќини на воведниот дуел, првиот меч од финалната серија се игра утре, среда, 22.мај со почеток во 18-30 часот.