Минатата недела имаше средба меѓу претседателот на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), г-н Ванчо Чифлиганец и тренерот на црвено-црниот боречки колектив професорот Љубиша Пешко. Како што донесува единствениот веб-сајт за боречки вештини во земјава IPON.MK , истата била со цел пеглање на ставовите и случувањата во Федерацијата. За средбата професорот Пешко вели:
“Бев во работна посета кај претседателот г-н Ванчо Чифлиганец, каде што дискутиравме за негативните појави во македонското борење и како да се совладаат бариерите и препреките за воспоставување на стратегија на континуирана и систематска работа, но и да се прекине со стихијните и импровизирани активности“.
Вардаровиот тренер истакнува дека работната посета се одвивала во позитивна атмосфера и со ентузијазам и надеж да се подобри состојбата во македонското борење. Притоа размениле и пригодни подароци (автобиографијата на д-р Ванчо Чифлиганец и „55 години од македонското борење“).