Помладите пионери како дебитанти во натпреварите од лигата и купот за натпреварувачката сезона 2015/16 година завршија на второто место на табелата, со само еден бод заостанување зад екипата на Работнички, која на крајот успеа да стане шампион во оваа генерација. Иако во најголем дел од сезоната, црвено-црните беа на лидерското место сепак некои грешки на крајот ги чинеше губење на првото место на табелата. Како и да е како најмлада генерација која се натпреваруваше во првенстово, избраниците на Сашо Јанев покажаа завиден квалитет на игра и голема желба за надигрување и триумф на секој меч. Како помина првата сезона за пом. пионери во лигата, можете да прочитате од играчот на Вардар, Матеј Николов, кој имаше важна улога во остварените резултати на екипата.
-Сезоната која е зад нас ја започнавме со натпревар против екипата на Работнички, која беше директен конкурент за освојување на домашната титула. Одигравме нерешено што значеше добар старт на сезоната. Сите други натпревари во есенскиот дел ги завршивме во наша корист и овој дел од сезоната го завршивме со само еден примен погодок и четири бода предност пред директните конкуренти, екипите на Работнички и Шкендија.
Во пролетниот дел од сезоната беа забележани осум победи два нерешени резултати и еден пораз, кој беше и единствен за Вардарци во текот на целата сезона. Токму нерешениот резултат со Победа и тој неуспех пртив Шкендија, на крајот се покажаа како пресудни за губење на трофејот.
-Стартот на пролетниот дел беше повторно со тимот на Работнички и на тој меч освоивме еден бод. Одигравме нерешено и покрај добрата игра и неколкуте неискористени шанси и скратениот корнер на самиот крај од мечот кој не успеавме да го реализираме, беше знак дека среќата ќе не избегне. Следеше дуелот со екипата на Победа од Прилеп на домашен терен. Покрај добрата игра и многуте шанси и четирите скратени корнери кои не успеавме да ги реализираме, одигравме нерешено и после тој меч бодовната разлика се намали на само два пред директниот конкурент.
На натпреварот во Тетово, против екипата на Шкендија иако на двапати имавме водство, сепак на крајот го загубивме мечот со резултат 4:3. и ја загубивме првата позиција. Од тој дуел па до крајот на сезоната ги победивме сите натпревари, но Работнички исто така не дозволи кикс, па титулата им припадна на нив.
-Прашањето дали ќе ја освоиме титулата беше натпреварот против Шкендија, на кој бевме гости. Нерешениот резултат значеше поволен исход за нас, но не и пораз со кој го губивме лидерското место. Се случи за нас најнепосакуваното, тој меч го загубивме иако на двапати водевме. На крајот од сезоната моравме да се задоволиме со второто место, што исто така претставува добар успех. Овој резултат не значеше пад на формата во екипата, туку момент на среќа која не избегна на најбитните натпревари кога требаше само да ја задржиме бодовната предност. Лично сум задоволен од прикажаните игри на мојот тим во дебитантската сезона, исто така и од мојот придонес за екипата. Имаше моменти кога можеше да се одигра подобро, но пак ќе напоменам со повеќе среќа можевме да го задржиме првото место.
Во наредната сезона нема промени во генерациите. Оваа екипа предводена од Сашо Јанев повторно ќе се се натпреварува во категоријата на помлади пионери.
-Но како и да е сезоната помина, која сакам побргу да ја заборавам. Очекувам на стартот на подготовките да се подготвиме максимално. Со самиот факт дека и наредната сезона ќе играме како помлади пионери, ќе гледаме да не ги повториме грешките од оваа сезона и да ја освоиме титулата, изјави Матеј Николов за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски