Најмасовната наша спортска манифестација Скопски Маратон 2016 е веќе зад нас, а истата на нашиот млад атлетичар, Дејан Василевски му остава траен белег кој вечно ќе го памети, за успешно првпат истрчана дистанца од пеколни 42,2 километри. Василевски успешно го помина периодот на кратка рехабилитација после маратонот, па веќе размислува и за наредните цели во атлетиката.
По заеднички договор со неговиот тренер Трпе Мартиновски, за правилно усмерување на неговиот напредок, Василевски ќе го искористи огромното искуство од маратонската трка и во следниот период ќе подготвува настапи на трки од 5000 и 10000 метри. Покрај тоа, иако Дејан ќе работи главно на овие дистанци, и фокусот сепак ќе го задржи на нив, во план има на есен, со напредокот во брзината кој несомнено ќе го добие тренирајќи за овие пократки дистанци, надвор од границите на Македонија да брка и нов личен рекорд на полумаратон, кој за потсетување, по само 1 месец тренинг под окото на Мартиновски, беше подобрен за цели 14 минути. Василевски не сака да прави калкулации, но посакува уште еднаш да падне нов личен рекорд со повторно голема временска разлика од претходниот, без разлика на тоа што главниот дел од тренинзите нема да е насочен кон оваа дисциплина.