Екипата на РК Вардар-2 вчера на Кале одигра натпревар против Куманово, во рамките на шестото коло од првата ракометна лига. Ново одлично издание за избраниците на Зоран Петковски кои стигнаа до нова победа. Совладана беше екипата на Куманово (31:25) на меч на кој црвено-црните имаа постојано водство и контрола на резултатот. Гостинскиот тим постојано беше во негатива и ниту еднаш не се закани сериозно на нашата предност. Мора да се истакне дека на овој дуел на голот го имавме одличниот голман Јагош Брауновиќ кој има голем удел во оваа победа. Во многу моменти со своите двојни одбрани ги откажуваше противничките играчи.
-Многу се подготвувавме за овој натпревар. Знаевме дека се работи за една добра екипа и дека нема да биде лесно, со обзир дека Куманово е екипа која е доста поискусна од нас и која оди на највисок пласман во оваа натпреварувачка сезона. Нашата игра функционираше на потребното ниво. Тренерот Зоран Петковски им даде шанса на сите играчи кои вратија на најдобар можен начин па благодарение на тоа заслужено и триумфиравме. Што се однесува до мојот настап имав добри одбрани, кои многу ми помогнаа да забележам добар натпревар на голот, но секогаш може и подобро.
Вардарци по шест одиграни натпревари имаат максимален број на освоени бодови и се наоѓаат на лидерското место на табелата во првата лига.
-Сезоната засега тече добро за мојата екипа. Имаме шест победи од исто толку одиграни натпревари и мислам дека можеме да го повториме успехот од минатата година, па дури и да одиме чекор понапред, да го освоиме првото место што би претставувало голем успех за оваа млада екипа
Ова е втора сезона за Брауновиќ во дресот на Вардар, кој покажува дека се работи за одличен млад перспективен голман, на кој црвено-црните треба да сметаат во иднина.
-За брзо да се прилагодам на новата средина и системот на работа највеќе ми помогнаа моите соиграчи кои навистина одлично ме прифатија уште од првиот ден кога пристигнав во Скопје. Задоволен сум од мојата работа и мислам дека напредувам на секој нареден натпревар на голот на Вардар, изјави Јагош Брауновиќ за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски