Денес со почеток од 18:15 часот, екипата на Вардар ќе го одигра вториот натпревар на силниот меѓународен турнир во Стразбур, противник ќе ни биде Брест Мешков.
Во текот на вчрашниот ден, црвено-црните одиграа со нерешен резултат против тимот на ПСЖ, иако во еден момент имавме и највисоки седум голови разлика. На тој дуел се случи повреда на капитенот, Стојанче Стоилов на кој нема да може да смета на денешниот дуел, тренерот Гарсија Парондо. Повторно во составот нема да биде ниту Вуко Борозан, а познато е дека на турнирот настапуваме и без Игор Карачиќ.
Што се однесува тимот на Брест Мешков кој е еден од противниците на Вардар во најсилната група од Лигата на Шампионите, тие во новата сезона имаат нов предводник во името на Маноло Каденас. Белорусите направија промени и во играчкиот кадар. Од екипата си заминаа Стојковиќ, Мијатовиќ, Игропуло, Никуленков, Ѓукиќ, Продановиќ и Олег Астрашапкин. Нови играчи се Дарко Ѓукиќ, десното крило кое доаѓа од тимот на Киелце, како и Сандро Обрановиќ кој дојде од Шамбери и десниот бек Шиме Ивиќ кој пристигна од тимот на Висла Плок. За Брест Мешков ова е втор подготвителен турнир на кој настапуваат, првиот кој беше во нивна организација “Белгазпромбанка„ на кој го освоија првото место пред екпите на Спартак Москва, Гранолерс и Макаби.
Првиот меч на турнирот во Стразбур, Брест Мешков го загуби од екипата на ПСЖ ( 35:29) и ова за нив ќе биде втор дуел. Овој силен турнир е последна подготовка за Вардар, во пресрет на новата сезона во СЕХА-лигата, која стартува во среда, со градското дерби против екипата на Металург.