Ракометарите на Вардар денес во 12-40 часот отпатуваа за Белорусија, каде од утре до недела ќе бидат дел од турнир кој е во организација на Брест Мешков. Подготовките за новата сезона започнаа во Скопје, по што екипата беше на подготовки во Крањска Гора, каде одигра и два контролни натпревари со екипата на Горење. Тие дуели ги добивме во наша корист, од кои вториот и многу убедливо. Следуваше враќање во Скопје, каде трениравме од понеделникот во С. Ц. Јане Сандански.
Утре не очекува првиот дуел на овој турнир. Прв противник ќе ни биде екипата на Рен од Франција. Мечот ќе започне од 17 часот. Во 18:30 е отварање на турнирот, додека во вечерниот термин од 19:00 ќе играат Брест Мешков и Висла Плоцк. Во сабота го играме и вториот натпревар против екипата на Висла (15:00), додека турнирот го затвараме во недела против домаќинот Брест (13:00). Повторно ќе недостасуваат Карачиќ, Циндриќ и Чупиќ, кои веќе ги завршија настапите на олимписките игри со својата репрезентација. За нив следи краток одмор по што се приклучуваат на екипата.
Првиот официјален меч за Вардарци е на 30-ти август, токму против екипата на Брест Мешков. Следува гостување против Металург и повторно два домашни дуели против Веспрем и Загреб. Вистинско уживање за публиката ќе бидат натпреварите во сеха-лигата, која станува се посилна. Нови членови кои ќе ги гледаме во Скопје ќе бидат Горење и Целје.