Нашата А-репрезентација во Словенија одигра два натпревари против домашниот национален тим и тоа во понеделникот од 18:00 часот игравме во Кршко и во вторник од 18:30 часот игравме во Целје. На двата дуела одигравме реми со силната домашна селекција предводена од поранешниот тренер на Вардар Веселин Вујовиќ.
На првиот меч во Кршко А-селекциите на Македонија и домаќинот одиграа 28-28, а на вториот тест-дуел во Целје одигравме 23-23. Во првиот дуел ние бркавме изедначување во самиот финиш, а на вториот водевме со два гола ама словенците успеаа да извадат реми исход од оваа контролка. Кога сме кај постигнувањата на нашите играчи во А-селекцијата на првиот меч : Манасков и Стоилов постигнаа по 2 гола, а Лазаров не успеа да се запише меѓу стрелците. На вториот дуел капитенот на Вардар Филип Лазаров имаше 2 погодока, а Стоилов и Манасков стрелаа по еднаш. По тестовите со словенците следеше враќање во Скопје, каде нашите момци ќе бидат за време на најголемиот христијански празник Божиќ, а потоа ќе продолжат тренинзите се до следните два натпревари против Црна Гора. Со црнагорците ќе бидат нашите последни контролки пред дефинирањето на составот од страна на селекторот Ивица Обрван, пред заминувањето на Европското првенство во Полска. Мечевите со најдобрите ракометари од црногорската репрезенација се закажани за на 10 и 11 јануари.