Иако до овој период, екипата на Вардар требаше да одигра три натпревари во Лигата на Шампионите, од тоа нема ништо. Пандемијата со корона вирусот ги одложи дуелите на домашен терен против екипата на Елверум и оној гостинскиот против Пик Сегед. За актуелната ситуација, проговори играчот на Вардар, Иван Чупиќ, кој не е задоволен од нееднаквите критериуми кои ЕХФ ги одредува за сите учесници во Лигата на Шампионите.
„Работиме, тренираме и зависиме од ситуацијата. Ова нема никаква смисла. Најдобро е воопшто да не се игра, зашто ова со вакви одлуки се доведува во прашање регуларноста на натпреварување, идентично како што нема врска со регуларност фајнл-форот да се игра на крајот на годинава, со учесници кои декларативно се избрани. Жалосно е што сите молчат на ова и клубовите и ракометарите. Сето ова ќе ни се одбие од глава, а ЕХФ… Од нив клубовите не добија ништо за време на корона-кризата, а сега со овој однос прават да им биде уште потешко“,
Како може некои натпревари да се играат, а некои не, се прашањата на кои Чупиќ бара одговор.
„Се разбира дека ја разбирам ситуацијата, и жалам за сите заразени, но кога бевме во карантин – сите бевме во карантин, а сега кога треба да играме – сите треба да играме. Ако има доволен број негативни тестови во двата табора, а притоа се игра во празна сала, не знам зошто се одложуваат мечевите. Како може ПИК Сегед да игра со Кјелце, а не може со нас. Будуќност може без 11 ракометарки во Копривница, а други не можат. Зошто има различни критериуми?“, истакна Чупиќ.
Следниот закажан натпревар за Вардар е на 15.октомври кога во Скопје треба да гостува екипата на Фленсбург.