Денес Вардарци ги очекува важен натпревар во лигата на шампионите во борбата за највисок пласман по завршување на групната фаза. Црвено-црните гостуваат во Унгарија на екипата на Пик Сегед, која моментално е четвртопласирана на табелата. Важноста овој меч ја потенцира и нашиот голман, Арпад Штербик кој знае колку е важна победата во дуелот со Унгарците. Триумф од ова гостување би значело и чекор поблиску до освојување на првото место на крајот од групата.
Немора да победиме, но речиси и да мора. Ако победиме во Сегед би имале добра позиција и до крај да ги одиграме другите три меча позитивно, потоа би ја исполниле целта да бидеме во горниот дел од табелата. Ако загубиме во Сегед можеме во недела да бидеме и четврти. Тука секој бод е важен и сега гледаме колку ни требаа бодовите во Загреб. Нашиот ривал е добра екипа и одличен тренер, и ретко која екипа го добива таму натпреварот. Кјелце губеше до 50 минута, па потоа голманот одбрани и се сврте резултатот. На ваков натпревар одбраната треба да биде добра за да добиеме на сигурност. Потоа е полесно да погодиш од полуконтра и контра. Се надевам дека ќе влеземе добро и ние голманите ќе помогнеме на натпреварот, вели Арпад Штербик, голманот на Вардар.
Пикерот Марсениќ истакна дека ова можеби ќе биде најтешкиот натпревар на Вардар во најсилната група.
-Ова сигурно ќе биде најтежок меч сезонава. Знам против кого играме, против екипа со врвен тренер. Тој знае сѐ за нас, но и ние за нив. Не очекува силен меч, мораме да играме агресивно и умно, во напад да не грешиме, да ја користиме секоја шанса што ќе ја добиеме. Може да се победи таму. Лани можеби победивме и полесно од очкувањата, сега сигурно ќе биде потешко. Но ако одиграме онака како што од нас се очекува тогаш можеме повторно да победиме.