Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кадетите на РК Вардар со победа го завршија регуларниот дел од сезоната и обезбедија пласман на Ф4
Кадетите на РК Вардар со победа го завршија регуларниот дел од сезоната и обезбедија пласман на Ф4

Кадетите на РК Вардар со победа го завршија регуларниот дел од сезоната и обезбедија пласман на Ф4

Кадетите на ракометниот клуб Вардар со победа го завршија регуларниот дел од сезоната во кадетската лига. Избраниците на Слободан Чивлачки забележаа триумф на гостувањето во Неготино, против екипата на Вардар-Неготино. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 19:26.

Првото полувреме беше во најголем дел израмнето, домашната екипа прва го отвори мечот со гол, а имаше водство од 3:1 и 4:2 во првите 6 минути од натпреварот. црвено-црните успеваа да го израмнат резултатот на 4:4, по што следи период каде двете екипи играат гол за гол. Вардар за прв пат на овој меч успеа да се одлепи на два гола позитива 7:9, по што Неготино повторно го израмни резултатот на 9:9. Сепак во последните две минути од првиот дел, црвено-црните успеваат да заминат на одмор со предност од 9:11.

Вториот дел започна со два последователни гола на домаќинот за ново израмнување на 11:11. Последното израмнување се случи при резултат 13:13, по што нашиот состав ја презеде доминацијата на овој натпревар. Успеваме да направиме серија од 0:4 и да поведеме со највисоки 13:17. Како одминуваше овој дел од играта, само ја зголемувавме предноста, во еден момент имавме и недостижни 14:21, по што беше јасно кој ќе ги освои бодовите. До крајот успешно ја зачувавме предноста и со триумф го завршивме регуларниот дел од сезоната. Повторно најефикасен во редовите на Вардар беше Мартин Карапалевски со 9 голови, додека втор стрелец беше Христи Бикоски со 5 погодоци.

Мора да се пофали гостопримливиот дочек од страна на домаќинот, пред и после завршување на натпреварот. Една вистинска дружба на децата и покрај тоа што Вардар победи на овој меч. Пример за сите екипи во Македонија, како треба да се сака спортот и како се воспитуваат младите спортисти. Секоја чест за Неготинчани.

Кадетите на Вардар го завршија регуларниот дел од сезоната на второто место, со вкупно 9 победи, 2 нерешени резултати и само 2 порази. Тие го освоија второто место во својата група, веднаш зад екипата на Металург  и си обезбедија учество на завршниот турнир. Веќе во недела не очекува завршниот турнир, кој ќе биде одигран во салата во Автокоманда.

Полуфинале:
10:30 час РК МЕТАЛУРГ – РК ЈУНИОР
12:30 час РК ВАРДАР ЈУНИОР – РК ХЈС РАБОТНИК

Натпревар за 3-то место:
17:00 час

Финале:
19:00 час