Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Конечно ракомет, во Скопје гостува непобедливиот сезонава, тимот на Фленсбург, дали Вардар може да го земе „скалпот“ на бундес-лигашот
Конечно ракомет, во Скопје гостува непобедливиот сезонава, тимот на Фленсбург, дали Вардар може да го земе „скалпот“ на бундес-лигашот

Конечно ракомет, во Скопје гостува непобедливиот сезонава, тимот на Фленсбург, дали Вардар може да го земе „скалпот“ на бундес-лигашот

Конечно ракомет….Вечерва во С.Ц. Јане Сандански екипата на Вардар ќе одигра натпревар од Лигата на Шампионите против екипата на Фленсбург. Долга пауза од еден месец, црвено-црните немаат одиграно официјален натпревар, па останува да видиме како ќе се одрази тоа на формата на се уште актуелниот Европски Шампион.

За разлика од Вардар кој одигра само два пријателски натпревар ( победите против Бутел и Металург), тимот на Фленсбург се наоѓа во добар натпреварувачки ритам, но и во одлична форма. Избраниците на Маик Макула имаа одличен старт на новата сезона во бундес лигата каде врзаа три последователни победи на исто толку натпревари.

Вардар многу менуваше оваа сезона, што се однесува до играчкиот кадар, има многу нови играчи, на кои им беше потребно време да се вклопат во замислите на тренерот Алушовски, а освен учеството на традиционалниот турнир во Струга, и немавме некои други квалитетни натпревари на кои можеше да се темпира формата.

Во ЛШ имаме одиграно само еден натпревар, оној против екипата на Брест Мешков кој го загубивме на противнички терен, додека Фленсбург игра одлично и во групата каде има три победи. Истите беа издвојувани на домашен терен против екипата на Киелце (31:30), изненадувачката победа на теренот на ПСЖ (28:29) и на свој терен против Порто (36:29). Ова само говори за каков квалитетен противник се работи, екипа која успеа да стане Шампион на Германија во 2018 и 2019 година.

Што се однесува до составот на Фленсбург, истиот останува предводен од тренерот Маик Макула, кој ќе се обиде сезонава да направи добри резултати со тимот. Играчката кариера ја заврши Холгер Гландорф кој на 37 години се реши да стави крај на професионалното играње на ракомет, додека клубот како негова замена го донесе Франц Семпер кој пристигна од екипата на Лајпциг. Најголемо засилување за Фленсбург е данскиот репрезентативец Менсах Ларсен кој после шест години поминати во Рајн-Некар се реши да ја промени средината, додека во составот на вечерашниот противник на терен ќе го видиме и поранешниот вардарец, Сикошек Пелко кој дојде како замена за Јоханес Голе кој имаше тешка повреда и кој ќе биде надвор од терените подолго време.

Фленсбург е интернационален состав од германско-данско-норвешки ракометари кои играат брз ракомет со многу голови, засилени на голманската позиција со Бергеруд и Буриќ.

За денешниот натпревар кај Вардар ќе недостасува десното крило/бек, Томислав Јагуриновски кој се покажа како позитивен на Ковид-19, па тој ќе биде надвор од составот, додека останатите играчи се ставаат на располагање на тренерот Алушовски. Напоменавме, Вардар цели 30 дена нема силен и квалитетен натпревар, останува да видиме како ќе одиграат нашите момци, кои сигурни сме дека ќе остават срце на терен, за прва победа во ЛШ.

Голем „хендикеп“ е празната сала Јане Сандански, ќе ги нема навивачите кои се „крилја“’ за тимот и силата на Вардар, сепак мора да се навикнеме да играме и во вакви услови, се надеваме дека тоа нема долго да трае.

Што се однесува до меѓусебните соочувања на Вардар и Фленсбург, двете екипи никогаш не играле во групната фаза од ЛШ, се судрувале само во елиминациските натпревари. Пред шест години, Фленсбург се извлече за „влакно“ кога само поради еден гол повеќе постигнат на гостински терен се пласираше на Ф4 турнирот, но затоа Вардар во 2017 година го врати ударот, кога со две победи го „нокаутираше“ бундес-лигашот и за прв пат во својата историја обезбеди пласман на Ф4 во Келн, каде успеа да стане и Европски Шампион.

Меѓусебни дуели на Вардар и Фленсбург

Сезона 2013/14

1/4 финале: Фленсбург – Вардар  24:22

1/4 финале: Вардар – Фленсбург  27:25

Сезона 2016/17

1/4 финале: Фленсбург – Вардар  24:26

1/4 финале: Вардар – Фленсбург 35:27

Напреварот вечерва стартува од 20:45 часот. Останува пред малите екрани да го проследиме овој дуел, со директен пренос на МРТ и Арена Спорт 2.