Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Кристопанс игра во одлична форма, до крајот на сезоната го „брка“ врвот на листата на најдобри стрелци во ЛШ
Кристопанс игра во одлична форма, до крајот на сезоната го „брка“ врвот на листата на најдобри стрелци во ЛШ

Кристопанс игра во одлична форма, до крајот на сезоната го „брка“ врвот на листата на најдобри стрелци во ЛШ

Летонскиот „џин“ во редовите на Вардар, Даинис Кристопанс игра одлична сезона во дресот на Вардар. Кристопанс на крајот од сезоната може да заврши во ТОП-5 најдобри стрелци во Лигата на Шампионите, со оглед дека црвено-црните се блиску до пласман на завршниот турнир во Келн, што ќе носат нови два дополнителни мечеви за Вардар.

Инаку Кристопанс има моментално 75 постигнати голови, со кои се наоѓа во најдобрите десет стрелци во најголемото натпреварување. Врвот се уште го држи Андре Шмид од екипата на Рајн-Некар која своите настапи ги заврши во осминафиналето, а има постигнато вкупно 91 гол. На следните три позиции се исто така играчи кои не продолжија понатаму, па има изгледни шанси, нашиот десен бек до крајот на сезоната да ги потисне од тие позиции. Се работи за Пукхоски ( Мотор Запорожје) и Ричардсон од Монпелје кои имаат по 87 голови, како и Хорват кој е на четвртата позиција со 85 постигнати голови. Можеби поголеми шанси за тоа да заврши како најдобар стрелец на крајот од сезоната има поранешниот вардарец, а моментален член на Киелце, се работи за Алекс Душебаев кој се наоѓа на 5. место со постигнати 81 гол, додека неговиот тим е многу блиску до пласман на завршниот турнир во Келн, со оглед дека славеше изненадувачки високо на првиот 1/4 финален меч против екипата на ПСЖ, која ја совлада со резултат 34:24.

Кристопанс од претходно успеа на листатата на најдобри стрелци да го мине Кирил Лазаров, кој има 72 голови, додека е блиску до Валеро Ривера кој има 77 голови, но и двајцата споменати играчи се пред сигурна елиминација од екипата на Барса, со оглед дека првиот меч на домашен терен го загубија со седум голови разлика, па само чудо треба да се случи за Нант да продолжи понатаму.

Летонецот навистина се наоѓа во одлична форма, додека неговиот тим има големи шанси да се пласира на завршниот турнир во Келн, а нема да биде чудо доколку Кристопанс на крајот заврши и на првите три позиции на листата на најефикасни играчи.