Младинците на Рк Вардар Јуниор во недела наутро заминуваат на ракометен меѓународен турнир “Трофеј Белград“. Истава генерација предводена од популарниот “Зенга“ имаше можност да настапува на истиов турнир и минатата година, кога го освоија третото место. Се работи за многу силен турнир за ракометари генерација родени “1998“ година. Вардарци ќе бидат во силна група со екипите на Партизан, која е повеќекратен шампион на Србија и генерација за почит на Балканот, потоа тимот на Земун со кој игравме во полуфиналето на последниот турнир одржан во Белград. Тогаш противникот беше подобар по изведувањето на удари од седум метри, откако во регуларниот дел мечот заврши без победник (18:18). Останатите две екипи во нашата група се Трње од Хрватска и Грачаница од Босна. Во првото коло, кое на програмата е во понеделник ќе се сретнеме со екипата на Грачаница. Во вториот дуел противник е Трње ( Хрватска) и последниот во групата со екипата на Партизан.
Оваа година ќе настапиме без шест играчи од минатогодишниот состав, кои заминаа во погорна категорија на ракометниот клуб Вардар. Се очекува новодојдените играчи да го потврдат квалитетот и талентот што го поседуваат. За Белград ќе отпатуваат и ракометарите кои настапуваат за Рк Вардар 2 во супер-лигата, како крилото Јагуриновски и пикерот Арсеновски.
Во Белград тренерот Петковски ги повика следниве играчи: Стојов, Куртановиќ, Петковски, Јорданов, Димитриевски, Јорданов, Димитровски, Николовски, Апостоловски, Гичев, Стојановски, Јовановски, Крстевски, Амзоски, Ѓоршоски, Јагуриновски, Стоилевски, Лазов, Арсеновски и Степановски.
Покрај нив на турниров во Белград ќе учествуваат и кадетите на Слободан Чивлачки, кадетките на Анжела Платон и младинките на Билјана Пецевска.