Денес, РК Вардар ја започнува одбраната на титулата во домашната Супер Лига. Во рамките на првото коло, црвено-црните ќе гостуваат кај екипата на Вардар Неготино. Натпреварот ќе се одигра во Неготино со почеток од 18:30 часот. Сезонава, лигата ќе има нов формат на натпреварување, односно ќе учествуваат вкупно 16 екипи кои ќе бидат поделени во две групи. Вардар е дел од групата А во која се уште и екипите на Струга, Куманово, Вардар Неготино, Бутел, Охрид, Прилеп и Алкалоид.
Во пресрет на новата сезона, своите очекувања ги сподели шефот на стручниот штаб, Владо Недановски, кој истакна дека Вардар ќе атакува повторно на двојната круна.
-Почнуваме нова сезона во домашното првенство и без разлика на се нашата цел е иста, освојување на титулата и купот во Македонија. Тоа што сега нема да играме во европските купови ќе ни овозможи повеќе да се воигруваме и на младите да им даваме поголема шанса. Сакаме што повеќе млади играчи да бидат дел од првиот тим, а тоа ќе го направиме низ мечевите во првенството. Без разлика на се, никого нема да потценуваме ниту да се однесуваме како фаворити. Имаме добар тим и ќе сториме се да бидеме конкурентни и да играме добро.
Без разлика на противникот, Вардар ќе има сериозен пристап на секој натпревар, така ќе биде и денес во Неготино.
-Нема слаби и јаки екипи, сите подеднакво сериозно ќе ги сфатиме. Ни требаат натпревари каде ќе играме и ќе ја подигаме формата. Одиме во Неготино да играме и секако размислуваме само за победа, изјави Недановски.