Ракометарите на Вардар стигнаа до втората победа на натпреварите од СЕХА-лигата. Вечерва во СЦ.Јане Сандански, црвено-црните беа подобри од екипата на Нексе.
Одлично го стартувавме натпреварот кога поведовме со 4:0, со два гола на Талески и по еден на Дибиров Јотиќ, додека седмерец на нашиот гол одбрани Ристовски. Екипата на Нексе тешко доаѓаше до ситуација да го загрози нашиот гол, едноставно игравме одлично во одбраната, а дури во 8 минута противникот го постигна својот прв гол и тоа со удар од седум метри. Вардар ја одржуваше позитивата од четири гола се до 17 минута кога резултатот беше 11:7, момент кога гостинскиот тренер се реши да побара тајмаут. Цели шест минути, момците на Алушовски не успеаа да постигнат гол, тоа го искористи Нексе кој направи серија од 0:3 и намали на само гол негатива (11:10). Полека се соземавме, не дозволивме да дојде до израмнување, па со головите на Дибиров и Георгиевски поведовме со 13:10, додека на теренот го видовме и новото засилување, Шеваљевиќ, кој имаше можност да се запише во листата на стрелци, но голманот на Нексе му скроти зицер удар од контра напад. До крајот на првиот дел ја зачувавме оваа позитива и на одмор заминавме со резултат 15:12. Потсетување, на овој дуел играме без Дисингер кој се пожали на повреда од дуелот со Војводина, како и без голманот Кантегрел и Мишевски, додека шанса доби младиот Кизиќ. По првото полувреме, Талески постигна 4 голоиви, додека Јотиќ имаше 3 гола.
Во првите осум минути од вториот дел гледавме игра гол за гол, Вардар и понатаму одржуваше предност која се движеше од 3-4 голови. Македонскиот репрезентативец, Филип Талески, го игра најдобриот натпревар во црвено-црниот дрес, со неговиот шестти гол Вардар дојде до водство од 23:20, но со два брзи голови, Нексе намали на 23:22, што беше знак за Алушовски да побара тајмаут во 46 минута. Натпреварот влезе во резултатска неизвесност, откако Нексе во 50 минута го израмни резултатот на 24:24. Противникот имаше можност и за прва предност, но Дибиров погоди во контра напад за резултат 26:25 во 57 минута. Двојната интервенција на Борко се покажа како пресудна за победата која беше изразена со резултат 27:26.
Талески и Чупиќ постигнаа по 6 голови, додека Ристовски на голот имаше 7 одбрани.