Денес со почеток од 17:30 часот во С.Ц. Јане Сандански, европскиот ракометен шампион ќе биде домаќин на екипата на Нант. Ова е втора сезона за претставникот од Франција во најголемото ракометно натпреварување. Интересно минатата година ја имаа дебитанската сезона во ЛШ, во која стигна до најдобрите 16 екипи во Европа.
Нант одлично ја започна сезоната со освојување на „Трофејот на шампионите“ совладувајќи го во големото финале, фаворитот и богатиот тим на ПСЖ. Претходно во полуфиналето беа подобри од екипата на Монпелје. На стартот на домашното првенство стигнаа до две победи, во дуелите со тимовите на Маси и Сесон Рен. Со оглед дека во тимот настапуваат репрезентативни играчи, како шпанците, Едуардо Гурбиндо, Давид Балагер, потоа репрезентативците на Франција, Николас Клер, Оливие Њокас и Кирил Думулин, како и Босанецот, Сенјамин Буриќ и секако едно од најголемите засилувања за минатата сезона, долгогодишниот играч на Кил, крилото Доминик Клајн, говори дека се работи за екипа составена од квалитетни и пред се искусни ракометари. Ако на нив се додаде и новото засилување во новата сезона, капитенот на Македонија и сигурно еден од најдобрите десни бекови во последниве наназад многу години, Кирил Лазаров, сигурно дека Нант ќе биде еден од претедентите за највисок пласман во најсилната група А, а зошто да не и една од екипите која претендира за најдобрите осум екипи во ЛШ. Покрај Лазаров, екипата уште ја засилија и Жулиан Емоне кој дојде од Данкерк и Рудолф Фалувеги. На овој состав се уште и неколку домашни играчи, кои се желни за напредок и докажување.
Дека Нант оваа сезона има високи амбиции покажа и воведната победа во ЛШ, каде во рамките од првото коло на домашен терен го победија тимот на Пик Сегед со резултат 30:26. Вардар исто така стартуваше со триумф од гостувањето во Полска, каде беа подобри од Висла Плок. Ова е прв меѓусебен дуел на Вардар и Нант во лигата на шампионите. Црвено-црните се ослабени за неиграњето на Игор Карачиќ, кој се здоби со повреда на тренинг и се уште не се знае колку ќе биде надвор од терените. Очекуваме полна сала на денешниот натпревар, како што истакна капитенот Стоилов, Вардар е европски шампион и заслужува голема поддршка од трибините.