Стигна и официјална потврда од РК Вардар. Глеб Калараш во следните две сезони ќе го носи дресот на европскиот шампион Вардар. Калараш иако потпиша договор со Мотор од Запорожје, сепак, во ниту еден момент не ја промени одлуката, а таа беше да игра само во РК Вардар. Со Калараш, Вардар добива огромно засилување пред се во одбраната.
„На наша голема радост и на навивачите, Глеб Калараш и во иднина ќе биде дел од Вардар. Неговата желба да се врати во Скопје се исполни, и клубот исто така е среќен што ќе може повторно да смета на услугите на пивотменот кој токму во црвено-црниот дрес ги направи најголемите успеси. Со враќањето на Глеб сигурно најмногу ќе добиеме во одбранатa со оглед на неговите квалитети кои ги покажа лани на многу натпревари. Со нетрпение ја очекуваме новата сезона во СЕХА лигата и ЕХФ лигата на шампионите и заедно да чекориме кон уште успеси, вели Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар.
Во новата сезона Вардар ќе почне со меч во СЕХА Газпром лигата на 3 септември во Скопје. Првиот меч во ЕХФ лигата на шампионите ќе го игра на 14 септември во Франција кај Монпелје.