Денес продолжуваат натпреварите на светското ракометно првенство за играчите на Вардар. Активни ќе бидат осум Вардарови играчи со своите репрезентации.
Најинтересен за нас е дуелот на Македонија која за противник ја има Словенија. Повторно во составот ќе ги видиме Стоилов и Поповски. Овој натпревар е посебен и од тренерски поглед, каде на двете страни ќе седат Лино Червар и Веселин Вујовиќ кои имаат големо меѓусебно ривалство уште од времето кога Вујо беше тренер на црвено-црните. Натпреварот започнува од 17:45 часот со директен пренос на МРТ-1. Хрватска ќе атакува на третатата последователна победа на СП, а денешен противник е селекцијата на Белорусија, против која не би требало да имаат поголеми проблеми околу конечниот исход. Еден од подобрите играчи на претходните два натпревари беше Лука Циндриќ.
По стопроцентен ефект по одигрување на првите три кола оди и селекцијата на Шпанија, за која настапуваат Душебаев и Кањелас. Тие вечерва од 20:45 играат против Ангола и уште три играчи на Вардар денес имаат натпревар. Тоа се Дибиров, Шишкарев и Деревен кои со Русија ќе бараат победа во дуелот против Полска.