Вардарци со победа ја започнаа новата година во Лигата на Шампионите, откако успеавме да славиме во дуелот со екипата на Рајн-Некар (27:30). Ова беше меч после долга пауза поради Светското првенство, но Вардар подобро се снајде, одигра многу поквалитетно од противникот, кој немаше решение за нашата игра. После завршување на мечот, на прес-конференцијата пред медиумите се обрати Гарсија Парондо кој го изјави следното:
-Не знаевме како ќе одиграме со оглед на долгата пауза, но ете успеавме да победиме и среќен сум поради тоа. Задоволен сум од случувањата на теренот, игравме квалитетно и во напад и во одбрана, едноставно го принудивме Рајн-Некар да прави грешки во својата игра. Добро го започнавме мечот кога ја презедовме предноста и до крајот имавме контрола на играта.
Следниот натпревар во Лигата на Шампионите е закажан за на 16.февруари кога на домашен терен ја пречекуваме екипата на Веспрем.