Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Димитар Павловски: “Јуниор“ лигата е најпозитивна работа што досега сум ја искусил во ракометот
Димитар Павловски: “Јуниор“ лигата е најпозитивна работа што досега сум ја искусил во ракометот

Димитар Павловски: “Јуниор“ лигата е најпозитивна работа што досега сум ја искусил во ракометот

Ракометната “Јуниор“ лига полека го има својот крај во првата сезона на овој голем проект на ракометниот клуб Вардар. Можноста да настапуваат во првата сезона ја имаа повеќе од 20 ракометни школи, кои се дел од академијата на Вардар. Постои надеж дека оваа бројка на учесници ќе биде зголемена во следната сезона. Ние како медиум кој паралелно ги прати сите случувања и актуелности во оваа лига продолжуваме со промоција на учесниците во лигата. Во следниов текст ве запознаваме со голманот на екипата на РК Преспа, Димитар Павловски кој настапува за генерацијата родени 2002/03 година. Тој ни ги споделува впечатоците од настапите во Јуниор лигата, љубовта кон ракометот, резултатите на својата екипа и секако за желбите кои ги има во наредниот период.

-Најпозитивна работа што досега во ракометот сум ја искусил е оваа “Јуниор“ лига, едно искуство за мене големо и се надевам дека вакви средби и понатака ќе има, но се надевам дека јас ќе бидам во постарите категории каде ќе го дадам својот допринос. Се надевам дека со ваквото мое ангажирање еден ден ќе застанам и на голот на РК Вардар, а можеби и репрезентативниот дрес број 1 нема да ми побегне, затоа што тренирам напорн, со желба еден ден тоа да го остварам. Ракомет тренирам од својата 6 година. Едноставно го засакав овој спорт и кога настапувам како да летам. Кога топката ќе заврши во моите раце или одбрана со тело, радоста што ја доживувам не се објаснува, едноставно радост голема.

Екипата на Преспа- Вардар со голем успех се натпреварува во “Јуниор“ лигата, под водство на тренерот Иван Ангелковски.

-При сето ова мора да му се заблагодарам и на нашиот тренер Иван Ангелковски кој навистина не штеди ни време, ни знаење да ни помогне. Премногу сум радосен што учествувам во оваа лига каде пред се владее едно невидено другарство, една желба за победа, една желба за докажување. Најголема желба и цел во лигата во која сега сме финалисти ми е да бидам прогласен за најдобар голман.

Желбата кај секој учесник во лигата е да се докажува, како би ја имачл можноста еден да настапува за младинските категории на ракометниот клуб Вардар.

-Спортот,односно ракометот го сакам премногу и мојата желба е секогаш надигрување, а дали тоа ќе даде резултати и ќе бидам повикан во младинските категории на РК Вардар зависи од многу фактори.Има многу добри голмани по екипите, но јас секогаш ќе се трудам да дадам се од себе,а со тоа и да го свртам вниманието на стручните лица.

Изминатиов викенд екипата на Преспа славеше во полуфиналниот меч против тимот на РК Бисинов ( 24:16) и се пласираше во големото финале, во својата возрасна генерација.

-Од резултатите на мојата екипа сум премногу задоволен и ако мојот удел во тоа дал придонес уште помило ми е. Досега нашиот успех е навистина голем и се надевам дека ќе биде крунисан и со титула. Барем јас лично се надевам ,не потценувајќи ја другата екипа. Не верувавме дека ќе бидеме финалисти, потајно во себе си посакувавме, но никогаш не верувавме дека ќе бидеме тоа што сме сега.

Во финалето за противник ќе ја имаат екипата на РК Кале, која пак во полуфиналниот дуел беше подобра од тимот на РК Урдаревски.

-Од финалниот меч очекувам една фер, коректна и беспоштедна битка на две скоро подеднакви екипи. Нормално како спортист секогаш очекувам успех,но и ако загубиме нема да биде страшно. Очекувам да бидам најдобар на терен и со моите одбрани да и помогнам на мојата екипа да го оствари најголемиот успех досега, изјави Димитар Павловски за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски