Изминативе неколку дена Македонската кадетска репрезентација беше дел од турнирот “Ракометот е мојата иднина “2016“, кој се играше во Бугојно на кој нашата селекција го освои петтто место. После поразот против Хрватска и триумфот над Катар, избраниците на Стојан Петрушевски одиграа уште три натпревари.
Во еден израмнет натпревар, бевме минимално поразени од репрезентацијата на Полска. Конечниот резултат гласеше 24:20. По првото полувреме имавме водство од 11:10. Мечот беше доста израмнет, сепак во последните пет минути подобро се снајде противникот, кој успеа на крајот да слави триумф. Од Вардаровите играчи Дејан Кукуловски успеа да постигне 2 гола, додека Стефан Крстевски беше стрелец на 3 погодоци.
Во следниот меч, за противник ја имавме репрезентацијата на Австрија, над која славевме со резултат 27:24. На овој натпревар присутната публика имала можност да гледа две различни полувремиња. По првиот дел Австријците имале предност од 12:17. Сепак во второто полувреме, избраниците на тренерот Петрушевски заиграле многу подобро и комплетно го свртеле резултатот во својата корист. Најзаслужен за триумфот на овој меч бил Кукуловски со 7, додека Крстевски постигнал 4 гола од црвено-црните играчи. Вардаровиот голман Марко Кизиќ имал одбрането три удари од седум метри.
И за крај на турнирот во Бугојно, во борбата за петтото место, повторно бевме подобри од Катар и на тој начин го освоивме петтото место на овој турнир. И на овој меч со пресврт во второто полувреме успеавме да го добиеме противникот. По првиот дел, Катар беше во предност од 11:13. Многу повеќе погодоци успеавме да постигнеме во вториот дел и да го добиеме овој дуел со резултат 29:28. Ова беше втора победа над оваа селекција на овој турнир. Кукуловски и Крстевски постигнаа по 4 гола, додека Николовски беше стрелец на еден погодок. Кизиќ имаше забележано одбрана од пенал.
Така Македонската репрезентација со вкупно три победи и два порази, успеа на крајот да го освои петтото место на турнирот во Бугојно. Овој постигнат резултат може да се смета за успех, со оглед дека речиси немавме воопшто време за некои подготовки и се собравме за неколку дена, по што отпатувавме на споменатиов турнир.