Вардар успеа со победа да ја заврши групната фаза во Лигата на Шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански во еден квалитетен натпревар бевме подобри од екипата на Елверум со резултат 39:30.
Цело прво полувреме Вардар беше во предност, а треба да жали што на одмор не замина со поголема разлика од еден гол. Одлично го стартувавме натпреварот со серија од четири последователни голови, од кои два беа дело на Тото, и по еден на Оливие Њокас и Моралес за предност од 4:0. Сепак, Елверум не дозволи да го испушти натпреварот, па како одминуваше ја топеше нашата преднсот, така беше во 10.минута кога резултатот гласеше 6:4. Гледавме брзо темпо на игра од двете страни и многу погодоци. Во првиот дел немавме голема поддршка од голманите, Томовски беше заменет на средина на првото полувреме со само една одбрана, додека младиот Гогов имаше две интервенции. Секој пат кога ни се пружаше можност да се одлепиме резултатски, промашувавме зицери, па тоа Елверум немилосредно го казнуваше. После неколку одбрани на нивниот голман, гостинската екипа намали на 10:9. Ние вративме со два гола во серија, а Георгиевски пропушти можност од контра напад да зголеми на четири гола позитива, затоа Елверум казнува за само еден гол заостанување, резултат 15:14 беше во 27 минута. Имавме можност да заминеме на одмор со три гола позитива, но Стоилов не успева да погоди од солидно добра позиција, па со звукот на сирената Елверум погоди за намалување на 17:16, резултат со кој се замина на полувреме.
На стартот на вториот дел го видовме првото израмнување на натпреварот, за противникот во 33 минута да поведе и со 17:18. Лошо го започнавме овој дел од мечот, само еден постигнат гол за 7 минути игра, додека Елверум постигна пет за водство од 18:21, што беше знак за Дејвис да побара минута одмор. Добра околност за црвено-црните е што Томовски се разбрани, што го користи Дибиров да истрча во контра и да намали на 20:22, но се уште сме во негатива. Вардар заигра поцврсто во одбраната, тоа даде резултат кога со голот на Оливие Њокас успеавме да го израмниме резултатот на 25:25 во 46 минута, по што тренерот на гостите повика тајмаут. Продолжи нашата серија, со нови два гола, веќе црвен-црните беа во предност од 27:25. Добро делувавме на теренот, Додиќ дели асистенции, овој пат за Стоилов со чиј гол стигнавме до највисоко водство од 32:28 на шест минути пред крајот на натпреварот. Елверум се обиде, но тешко беше да се врати на дуелот и да го внесе во неизвесност. Напротив, нашиот шампион го полнеше противничкиот гол, а Дибиров вечерва блескаше со своите потези. На крајот заслужена победа за Вардар изразена со висок резултат од 39:30. Вардаровите играчи имаа и голема поддршка од трибините, која им даваше „крилја“ во периодот кога не им одеше баш најдобро.
Најефикасен во нашиот состав беше Дибиров со 7 голови, Оливие Њокас имаше 6, додека Кевин Њокас 5 погодоци. Вардар со 13 освоени бодови ја заврши групната фаза на 5.место и на тој начин се пласираше во осмина-финалето. Таму за противник ќе ја имаме екипата на Веспрем.