Тимот предводен од Будимир Андријана и Аце Станковски, кадетскиот состав на РК Вардар во дуел од младинската Група-1 беше домаќин во СЦ “Јане Сандански“ на тимот на РК Радовиш. Нашите момци успеаа да триумфираат со резултат 27-25.
Гостите отворија најпрвин со водство од 0-1, а потоа на почетокот водеа и со 1-3. Следеше борба на двете страни, двата тима на погодокот на ривалот одговараа со иста мерка. Се постигнаа по седум гола во двете мрежи за на семафорот да стои 8-10 за нашиот ривал. Пред почетокот на последните 10.сетина минути од првиот дел бевме на негатива од два гола. Потоа успеавме да одиграме онака како што ние знаеме во одбраната, цврсто и поврзано, додека во нападот казнувавме. Успеавме да направиме серија 5-1 до крајот на првиот дел, со истата ние поведовме со два гола. На пауза заминавме со предност од 13-11 за црвено-црниот тим.
На почетокот од вториот дел отворивме со погодок за 14-11 тоа беше првпат на оваа средба ние да имаме три гола повеќе од ривалот. Значајно ја подобривме играта во вториот дел, за разлика од првиот ние диктиравме темпо и бевме подобар противник од Радовиш. Пред почетокот на последната третина од овој период отидовме на седум гола позитива, на семафорот во “Јане Сандански“ стоеше 25-18 за момците на Будимир и Станковски. Сепак дојде до ново опуштање во нашите редови, противникот до крајот успеа да намали дури пет гола од предноста, но не и да ни ја загрози победата. Триумфот дојде со резултат 27-25.
Кај нас прв стрелец беше Грујовски Велимир со седум погодоци, Чакалиќ Бојан имаше пет гола, Савревски Давид беше успешен четири пати, а пикерот Благој Димчевски погоди во три наврата .