РК Вардар-2 нашиот тим кој се натпреварува во Првата лига, тргна со победа на првиот меч за нив во пролетниот дел. Младите вардарци остварија триумф на домашен терен во салата Кале со екипата на Риниа со резулат 20-16. Овој прв пролетен меч беше натпревар од 12 коло во Првата машка ракометна лига.
Во водедните петнаесетина минути од првиот дел играта и резултатот беа изедначени, дури гостите три пати имаа и водство во овој период. Сепак во продолжението го покажавме нашиот квалитет, целосно ја презедовме иницијативата и поведовме со 11-8 на полувреме. Со одлична игра продолживме и во вториот дел , следеше серија од 4-2 за нас и стигнавме до водство од пет гола, односно 15-10. Гостите се обидоа да се вратат во мечот и намалија на 15-12 , но пак дојде нашата серија 3-1 и повторно го вративме водството од пет гола, 18-13. До крај нашите млади надежи рутинирано предводени од клупата од искусниот Стојан Петрушевски го доведоа мечот до крај. Одлично почнавме оваа пролетна сезона иако сме ослабени откако заминаа зимово нашите двајца стандардни ракометари Јагуриновски и Арсеновски. На мечот со Риниа најистакнат поединец убедливо беше Тоше Ончев кој постигна 10 погодоци. Со победата остануваме на второто место на табелата во Првата лига.
Вардар 2: Кизиќ, Брауновиќ. Димов 4, Димовски, Анастасовски 3, Димитриевски, Анаумовски, Стојковски 2, Дамчевски, Стошиќ, Љубевски, Трпчевски 1, Кукуловски, Крстевски, Димковски, Ончев 10.