Вчера во салата “Гемиџии“ во Велес младиот сениорски тим на црвено-црните, Вардар Јуниор го одигра последниот меч оваа натпреварувачка сезона. Ние бевме поразени во натпревар без резултатско значење за двата тима од домаќинот ГРК Борец, велешани триумфираа на овој меч со резултат 37-29 (18-16).
Двата тима претходно го имаа обезбедено опстанокот па овој дуел беше од “ревијален“ карактер, и во него влегоа растеретени. На почетокот постојано беше реми се до 7-7, потоа со два гола момците на Стојан Петрушевски се одлепија на 7-9. Игравме добро се до средината на првиот дел кога и поведовме со плус три, 9-12. Потоа следеше пад во нашата игра и голема серија на домаќинот, тие со серија 8-1 направија целосен пресврт и поведоа со четири гола предност, 17-13, пред самиот финиш. Ние во последните минути од првиот дел бевме подобар противник па со мини-серија 1-3 ја преполовивме негативата и заминавме на одмор со 18-16.
Вториот дел беше израмнет во поголем дел од неговото времетраење, се играше гол за гол, противникот ја одржуваше предноста од два гола се до 25-23. Потоа велешани одиграа поангажирано во поле, на еден наш погодок одговараа со два во нашата мрежа. До крајот тие постигнаа 12 погодоци, а ние само шест. Победата за Борец по овој последен дуел од плеј-аутот беше изразена со резултат 37-29 на крајот.
Кај нас прв стрелец беше Трпчевски Стефан со дури девет гола, Кукуловски Дејан постигна шест гола, гол помалку имаше Атанасовски Кристијан. По три гола имаа Димов Мартин и Атанасовски Стефан, по еден гол имаа тројца играчи: Мишевски Марко, Димитров Никола и Димитровски Иван.