Викендов се комплетираше уште едно коло во групите од лигата на шампиони во машка конкуренција. За нас посебно внимание се обрнува на натпреварите и изгледот на табелата во најсилната група Б, каде настапува нашиот ракометен шампион.
Во саботата бевме поразени на теренот на Киелце со резултат 23:20. Овој неуспех не чинеше уште две места подоле на табелата, во моментов црвено-црните се наоѓаат на петтото место. Само да потсетиме дека пред три кола, односно пред дуелите со европскиот првак, нашиот состав се наоѓаше на првото место на табелата во својата група. Скапо не чинеше поразот во Јане Сандански против Барселона, кога од речиси добиен натпревар на крајот сепак ги изгубивме бодовите. Следуваше уште еден тежок дуел против Полскиот шампион, на кој немавме многу решенија во нападот а на спротивната страна Киелце со “прегрубата“ игра ни ја отежна задачата. Уште од самиот старт се доби впечаток дека Полјаците се спремни на секаков начин да триумфираат и да го одмаздат високиот пораз од Скопје. Гонзалес изненадувачки почна на голот со Страхиња Милиќ, кој повеќе од солидно си ја одработи укажаната доверба од шпанскиот стручњак. Во првиот тим, прв пат оваа сезона во ЛШ на позицијата лево крило стартуваше Дејан Манасков. Неможевме да сметаме на услугите на Карачиќ, кој остана во Скопје поради мала повреда, чие отсуство и тоа како се почуствува на теренот. Најрасположен наш играч на овој, како и на претходните два дуели беше Сергеј Горбок.
Деветтото коло во нашата група го отворија Рајн Некар и Кристијанштад, германскиот бундеслигаш исто така имаше големи причини за триумф во овој дуел. После поразот во Шведска, Рајн Некар не дозволи ново изненадување и во еден мирен меч рутински го победи гостинскиот тим. Барселона ја продолжи серијата на победи, остваруввајќи го вкупно седмиот триумф во групата. Колдинг беше рамноправен противник само во првите 30 минути, кога на одмор се замина со гол предност за Шпанскиот првак. Жалуз и Лазаров ја предводеа својата екипа до триумф, со кој се задржаа на лидерската позиција. Ако нешто може да се извлече позитивно после завршување на ова коло, е секако нерешениот исход на дуелот Монпелје и Пик Сегед. Унгарците се наш голем конкурент за место погоре на табелата, па овој исход во Франција ни оди во полза. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 29:29. Словенските репрезентативци беа најефикасни играчи на овој меч, Доленец на едната и Бомбач на другата страна се најзаслужни за освоениот еден бод.
Распоредот на табелата станува се “погуст“ кој се менува после завршување на секое натпреварувачко коло. Барселона останува на врвот со вкупно 15 бодови. Рајн Некар е на втората позиција со 13, Киелце по саботниот триумф се проби на третото место со освоени 12 бодови. Пик Сегед е четврти со 11, следува Вардар на петтата позиција со 10 бодови и Монпелје со 5 бода на шесттото место. На последните две позиции се наоѓаат Кристијанштад со 4 и Колдинг со 2 бодови.
Во сабота продолжуваме со настапите во групата, против екипата на Колдинг. Само зборот победа доаѓа во предвид на овој дуел за нашиот ракометен шампион, против тимот кој е должник.